Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов е назначен за прв потпретседател на Мрежата на асоцијации на локални самоуправи од Југоисточна Европа (НАЛАС) која во Брдо го одржува 13-то генерално собрание.

Од Град Скопје соопштија дека Шилегов како претседател на ЗЕЛС е меѓу 150. претставници од локалните самоуправи и асоцијациите на локалните самоуправи од цела Југоисточна Европа кои учествуваат на генералното собрание на НАЛАС. Ќе се разгледуваат и актуелни политички теми за улогата и застапништвото на НАЛАС во контекст на стратегијата за проширување на ЕУ.

Исто така, ќе се дискутира за улогата на локалните самоуправи во справувањето со бегалската криза и со бегалците во регионот, а ќе бидат направени и измени во статутот со кои ќе бидат нагласени активностите на оваа асоцијација за постигнување родова еднаквост.

Во рамки на генералното собрание на НАЛАС се одржа регионална конференција на која во фокусот беа утврдените цели за одржливиот развој и за социјалната инклузија низ призмата на Агендата 2030, што е усвоена на 25 септември 2015 на специјалниот самит на ОН.

НАЛАС ја сочинуваат 14 асоцијации што претставуваат околу 9.000 локални самоуправи, директно избрани од над 80 милиони граѓани во Југоисточна Европа. НАЛАС го промовира процесот на децентрализација, придонесува во процесот за помирување и стабилизација во регионот и во тој контекст придонесува за процесот за европска интеграција на целиот регион, посочуваат од Град Скопје.