Она што ќе го видите во систематизираните ставови на ЗЕЛС, а што треба да ни биде главниот документ во преговорите со Владата, предвидува продолжување на децентрализацијата во неколку насоки, но и подобрување на финансирањето, односно повеќе приливи од ДДВ-то и од персоналниот данок. Можеби треба да размислуваме за сосема нов концепт на локалната самоуправа и за сосема нов концепт за финансирање на локалната самоуправа.

Ова денеска го соопшти претседателот на ЗЕЛС и скопски градоначалник Петре Шилегов на тркалезната маса на тема  „Предизвиците и дилемите во системот на финансирање на надлежностите на општините – редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменски и блок дотации за општините“, во организација на Министерството за локална самоуправа.

На тркалезната маса беа презентирани и дискутирани наодите од анализата направена во консултација со надлежните министерства и со општините за начинот на финансирање на надлежностите на општините во областа на основното и средното образование, градинките, културата и противпожарната заштита, финансирани со блок дотации од централниот буџет.

Шилегов се осврна и на функционирањето на противпожарните единици, кои се децентрализирани во 2005 година.

– Голем е проблемот со вработените за кои под ниеден услов, до скоро, не добивавме согласност за старо вработување. Што значи дека ако си замине вработен по кој било основ, немаме можност да добиеме согласност за вработување на истото место. Од друга страна, законот не обврзува да имаме еден пожарникар на 1.500 жители, па решението го баравме во тоа што општината од основниот буџет вработуваше пожарникари. Во последната година, успеавме да се договориме со Владата да се реши дел од овој проблем и поредовно да добиваме согласности за вработувања. Кај противпожарните служби имаме уште еден проблем и тој е врзан со нивната опрема. Страшна е состојбата со опремата, возилата и униформите на пожарникарите. Многу често се случува градоначалниците од основниот буџет да купуваат по некое делче на неопходната опрема за да овозможат нормално функционирање на овие многу важни служби, рече Шилегов.

Градинките, како што рече, како основна грижа на најмалите и најмилите, се надлежност која е префрлена на локално ниво, без заостанати долгови и со доволно средства за нормално функционирање.

– Проблемот со градинките настана во моментот кога престанаа да се издаваат согласности за вработување и доведе до ситуација по една негувателка да треба да се грижи за триесет и повеќе дечиња. Во последно време таму имаме проблем и со просторни капацитети, но Министерството за труд и социјална политика имаше повеќе слух и се обиде да обезбеди средства за проширување на старите или градење на нови градинки, рече Шилегов.

Тој соопшти дека само дел од културните институции се децентрализирани. Постои и огромен број на општини каде, како што рече, културните институции останаа во рацете на централната власт, без притоа да се има критериуми и да се знае зошто е така тоа.

– Во една општина, како пример, е децентрализиран театарот, а во соседната тоа веќе не е случај. Зошто е тоа така, не постои објаснување. Уште е пострашна ситуацијата со децентрализираните културни институции. Голем е бројот на децентрализираните културни домови, на пример, каде што работи само директорот. Градоначалникот обезбедува хигиеничар еднаш или два пати неделно, и навистина не ми е јасно што и какви активности можеме да очекуваме од таквите институции, праша Шилегов.