Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска учествуваше на панел-дискусијата „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност за подобра животна средина“ што се одржуваше во хотелот „Холидеј ин“, во организација на Институтот за комуникациски студии, а во рамките на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

– Во текот на минатата година ја завршивме секундарната мрежа, односно гасоводниот прстен околу Скопје. Со цевката го преминавме дури и Вардар, од Карпош 4 кон Влае. Ова за мене е еден од поголемите потфати, зашто зборуваме за енергетска стратегија за нашиот град, нешто што со години наназад го немавме и сега живееме со последиците. Кога зборуваме за енергенсите, особено кога зборуваме за природниот гас, најчесто зборуваме само за затоплување на домовите, иако тој енергенс може да се користи за сите енергетски потреби. Основните карактеристики на овој енергенс е дека во најмалку 20 отсто е помала емисијата на штетните гасови во однос на другите горива, речиси воопшто го нема сулфурот како нус продукт и е енергетски ефикасен. За нас како град сега е многу битно да влеземе во процесот на терцијална гасификација, односно, достапност на гасот до домаќинствата – рече Шилегов.

Тој додаде дека треба да имаме предвид дека дел од производствените и индустриските капацитети се префрлени на природен гас, а префрлени се и сите топлани во нашиот град.

– Секогаш кога зборуваме за топловодната мрежа и затоплувањето на домовите преку централниот систем зборуваме за евтино и еколошки најприфатливо затоплување на домовите кое во овој момент може да им биде понудено на граѓаните. Да не заборавиме дека употребата на огревно дрво што е најраспространето во нашата држава, ако биде заменето со други енергенси, ќе ја спречи сечата на дрвјата во шумите и ќе се спречат елементарните непогоди како во Стајковци од пред три години. Што значи примената на гасот? За домаќинствата ќе значи поекономично греење, зашто се намалуваат трошоците за затоплување на домовите, а тоа на краток рок значи подобрување на економската состојба на граѓаните. За индустриските капацитети тоа значи намалување на трошоците и можност за инвестирање во нови технологии токму заради заштедите кои се прават поради воведувањето на гасот. Во таа насока, во текот на утрешниот ден ги очекуваме претставниците на МАН и го потпишуваме договорот за набавка на нови 33 градски автобуси кои што ќе бидат на гас. Заштедата што ќе ја направиме со овие 33 автобуси е 700.000 евра годишно – нагласи Шилегов.

Градот Скопје е сериозно посветен на енергетската политика. Токму затоа го основа и „Градски енергетски системи“, правен субјект кој претендира да биде носител на енергетската политика на градот, и тоа во двата сегмента – во развојот на топловодната мрежа и нејзиното проширување и во развојот на гасификациската мрежа.

– Во градот има три топловодни мрежи кои опфаќаат делови од Центар, Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Чаир, Гази Баба и Бутел, но се неспоени. Тоа е предизвик кој допрва ни претстои. Има и делови од општините Карпош, Чаир, Бутел, Гази Баба и Кисела Вода, како и општините Ѓорче Петров, Шуто Оризари и Сарај каде што е економски неисплатливо да ја прошируваме топловодната мрежа и токму во тие делови треба да навлеземе со терцијалната гасификација. Станува збор за густо населени подрачја каде што има индивидуално домување. Со централната власт не секогаш имаме синхронизирани ставови. Градот Скопје е на став дека терцијалната гасификација мора да ја води градот и за нас јавно-приватно партнерство не е прифатливо. Искуствата кои ги имаме на Балканот зборуваат дека при јавно-приватно партнерство се бара поврат на инвестицијата во првите десет години, а првите десет години не се инвестициски циклус. Ако Градот Скопје или единиците на локална самоуправа не се креатори на енергетските политики може да ни се случи развојот на гасификацијата да се одвива во делови каде што веќе имаме топловодна мрежа. Тоа би бил поевтиниот начин за развој на гасификацијата, но погрешен начин, ако се има предвид дека како држава би требало да ни биде приоритет намалувањето на аерозагадувањето и доведувањето на евтин енергенс до што е можно поголем број корисници – нагласи градоначалникот Шилегов на денешната трибина.