За две недели на улицата Рузвелтова биле украдени пет решетки од сливници - Фото: Игор Бансколиев

Од „Водовод и канализација“ велат дека имаат голем број поплаки од граѓаните поради шахти без капаци и сливници без решетки, но во изминатава година не се поднесени барања за исплата на штета. Годинава биле украдени 123 решетки од сливници и 42 капаци од шахти

Отворените шахти без капаци и сливниците без решетки на скопските улици се сериозна опасност како за минувачите, така и за сите учесници во сообраќајот. Шахтите што зјаат отворени, кои не се забележливи во ноќните часови, се сериозна закана и постои опасност некој да настрада или да се случи сообраќаен инцидент.

Што е причината што има толку отворени дупки на улиците? Надлежните тврдат дека најголем проблем претставува крадењето капаци од шахти и решетки од сливници и тие постојано се борат со оваа појава. Од „Водовод и канализација“ не кријат дека имаат голем број поплаки од граѓаните поради отворени шахти без капаци и сливници без решетки, но во изминатава година не се поднесени барања за исплата на штета.

Граѓаните, пак, за да предупредат на опасност најчесто импровизирано ги покриваат отворените шахти со гранки или со други материјали. Она што зачудува е фактот дека крадците се мошне смели и ги крадат капаците и решетките дури и на добро осветлени и фреквентни сообраќајници. Од „Водовод и канализација“, претпријатие одговорно за шахтите и сливниците, велат дека се краде и во Центар и во Карпош. Две големи дупки има кај основното училиште „Јохан Јајнрих Песталоци“ во Центар. Само на улицата Рузвелтова биле украдени пет решетки од сливници во изминативе две недели. Надлежните се согласуваат дека отворените шахти претставуваат опасност за безбедноста на пешаците, велосипедистите и другите учесници во сообраќајот. Граѓаните, пак, сметаат дека проблемот е поголем отколку што се чини, бидејќи ако во продажбата на капаците и решетките се вклучат и алармираат и откупувачите сигурно бројот на кражбите ќе се намали.

– Кражбата на капаци од шахти и решетки не е од вчера, туку се влече со години. И не може постојано некој да ги краде, а од „Водовод и канализација“ само да ги заменуваат украдените со нови. Проблемот мора системски да се реши, па да се види каде и кому му ги продаваат украдените предмети. Вака како што стојат работите и натаму ќе се крадат и во опасност ќе бидеме ние граѓаните – вели жител од општината Центар.
Од „Водовод и канализација“ тврдат дека крадците крадат на целата територија на Скопје.

– Оваа година, заклучно со 10 јуни, се украдени 123 решетки од сливници и 42 капаци од шахти. Решетките за сливници и капаците за шахти се крадат на целата територија на градот Скопје, во последниот месец најмногу се крадат во општините Центар и Карпош – велат од „Водовод и канализација“.

Од претпријатието информираат дека лани биле украдени 255 решетки и 55 капаци од шахти. Капаците помалку се крадат бидејќи тежат и по 100 килограми, тешко се отвораат и најчесто се на шахти на среде улица, па затоа крадците ги избегнуваат. Многу потешко можат да ги украдат и поради тоа што се на фреквентни улици. Но, според последниве случувања, се чини дека некако стануваат посмели, па почнале да крадат и на пофреквентни сообраќајници.

Отворените шахти претставуваат опасност по животот на граѓаните, особено во ноќните часови. Доколку не се внимава, некој навистина може да заврши со повреди, како скршеници на екстремитети или модринки по телото и набиеници од лошиот пад. Но не само пешаците, на нив лесно може да налетаат и велосипедистите. Тие можат да бидат ноќен кошмар и за возачите, а уште поголема причина за несреќа, ако некој се обиде да ги избегне и налета на возило од спротивниот правец, па се случи несреќа или популарно речено карамбол од удрени автомобили.

Некои од отворените шахти граѓаните ги покриваат со стиропор, штици па дури и со гранки за да бидат забележливи за случајните минувачи, како што е тоа на улицата Рузвелтова.