Четири индустриски објекти ќе бидат казнети за пречекорување на граничните вредности над дозволеното загадување на воздухот во Скопје.

Од Град Скопје информираат дека инспекторите за животна средина извршиле по две редовни контроли на сите 40 инсталации кои подлежат на Б–Интегрирана еколошка дозвола.

– Во месец декември овластените инспектори за животна средина на Град Скопје, извршија вонредни контролни мерења на четири инсталации што подлежат на Б–Интегрирана дозвола, како и на четири субјекти што подлежат на Eлаборат за заштита на животната средина. При вонредните контроли на овластените инспектори за животна средина со овластена лабораторија досега е утврдено пречекорување на граничните вредности кај четири инсталации кои се под надлежност на Град Скопје и истите ќе бидат санкционирани согласно со Законот за заштита на животната средина, истакнал градоначалникот Петре Шилегов на вчерашната седница за советнички прашања.

Дополнително, Инспекторат воведе и сменско работење, односно дежурства од 6 часот наутро и после полноќ се до раните утрински часови и за време на викендите, со цел попрецизно и пореално да се утврди можното загадување на амбиенталниот воздух.