Многумина од жителите на Чаир, кои живеат во старите станбени згради и оваа грејна сезона, како и многу зими досега, ќе мораат да се греат на струја или на дрва, бидејќи опцијата приклучок на топлификацијата „Скопје Север“ за нив е невозможна. Не можат да се приклучат ниту на „Елем – енергетика“ од Железара, бидејќи ова претпријатие до нив нема изградено мрежа. Најблиску им е мрежата од топлификацијата „Скопје Север“, но чаирчани немаат внатрешни инсталации за дистрибуција на топлинска енергија, ниту пак имаат потстаници во нивните објекти. Оние станари што се обиделе преку своите заедници на станари да побараат да им се направат инсталации и да бидат приклучени на парно од Топлификација им било кажано дека ќе мораат самите да си најдат инвеститор, кој ќе им направи инсталации.

Топлификацијата „Скопје Север“ законски не била обврзана да го прави тоа, бидејќи нејзините ингеренции за дистрибуција на топлинската енергија завршуваат со мрежата до потшахтата на објектот каде што се наоѓа приклучокот. Да најде решение за овој проблем своевремено се обиде и локалната самоуправа од претходниот состав, а сегашнава повторно ќе прави обид да се сретне со одговорните од Топлификација и да поразговараат повторно за овој проблем. Од топлификацијата „Скопје Север“ велат дека инвеститорите се тие што вградуваат внатрешни инсталации во објектите, а тие не само што законски не се обврзани да вградат инсталации во старите згради, туку се соочуваат со исклучување и на оние што имале приклучок. Од 96 потстаници сега велат дека во работна позиција имаат потстаници само во 39 објекти. Проблемот со парното во Чаир е веќе со години, а тоа е причината што голем дел од тамошните жители се греат на дрва. Како што се ближи сезоната на загадувањето на воздухот, тогаш сите инволвирани страни би требало што поскоро да најдат решение за проблемот.

– Во 2010 година имавме 96 потстаници во функција, а сега нивниот број се намали. Веднаш спроти Топланата се градеше нова станбена зграда со околу 200 стана, а инвеститорот ветуваше дека сите ќе бидат приклучени на парно. На крајот ја изгради зградата, но инсталации не направи, а тоа е негова обврска. во согласност со правилата за снабдување со топлинска енергија топлификацијата не инвестира во изградбата на внатрешните инсталации. Се обидовме да направиме анкета кај исклучените за повторно вклучување, одзивот беше 10 отсто. Имавме и разговори со локалната самоуправа, но на крајот на 2017 година имавме само 469 корисници, а сега во моментов имаме 467 корисници на топлинска енергија – вели Игор Поповски, директорот на „Скопје Север“ АД.

Како да се реши приклучокот за парно на стариот дел од Чаир е одамнешен проблем, а повторно ќе се обиде да бара решение и оваа постава на локалната самоуправа.
– Нема ништо ново на повидок околу овој проблем за приклучувањето на голем дел од Чаир на парно греење. Ќе мораме да се обидеме уште еднаш преку закажување заедничка средба со одговорните од топлификацијата „Скопје Север“ да седнеме, да на најдеме решение, да ги разгледаме можностите, кои се дадените опции, бидејќи во интерес на сите е да го почувствуваме благодатот на загревањето со парно, наместо со дрва или со струја – вели Куштрим Алла, одговорен за односи со јавност во општината Чаир.

Од Регулаторната комисија за енергетика, пак, велат дека дистрибутивната мрежа на носителот на лиценцата, во случајов топлификацијата „Скопје Север“, завршува до потшахтата на станбениот објект, а инсталациите, потстаниците, цевките и радијаторите, односно внатрешните инсталации се сопственост и обврска на корисниците.
– Внатрешните инсталации се сопственост на станарите, а во случајов проблем е тие преку своите заедници на станари или куќни совети да пристапат кон нивно поставување. Во моментов, пак, нема комерцијална моќ, односно претпријатието се бори за опстанок. Од друга страна, пак, „Елем – енергетика“ од Железара има застарени котли и не може да ги приклучи чаирчани. Топлификација „Скопје Север“ има два нови котли од по 23 мегавати, а конзумот сега е одвај осум мегавати, што значи дека има многу мала искористеност. Можеби треба да се договорат корисниците и топлификацијата да најдат начин, како да се приклучат, ние тука немаме никакви законска надлежност. Ако „Скопје Север“ најде начин како да го направи тоа, ние само можеме да го поздравиме – велат од Регулаторната комисија за енергетика.