На иста улица од едната страна уредено зеленило, а од другата не - фото: Игор Бансколиев

Соработуваат ли доволно градот и општините или тоа е само навидум и до некаде. Граѓаните забележуваат нерешени проблеми поради поделените ингеренции помеѓу нив

Кога станува збор за одржување на чистотата и функционалноста на градот, одговорноста е поделена помеѓу градската и локалната власт и за тоа има голем број примери. Често може да се забележи како во дел од парковските површини тревата е искосена, а во друг дел зеленилото е запуштено. Истото тоа се случува и кога станува збор за собирањето на комуналниот отпад од малите кошнички поставени за ситно ѓубре. Кај дел од нив ѓубрето е собрано, а кај друг дел не е, а причината е поделената одговорност помеѓу градот и општините. Дел од зеленилото, дрвјата или кантите за отпадоци се под надлежност на градската, друг дел на општинската власт.

Токму поради префрлањето на топката едни на други, градот нема функционални јавни тоалети, ниту пак се изградени нови, а од нив имаат потреба граѓаните и најмногу туристите. Соработуваат ли доволно градот и општините или тоа е само навидум и до некаде, се прашуваат граѓаните кога гледаат нерешени проблеми поради поделените ингеренции помеѓу нив. Ваквите црно-бели слики, кои граѓаните ги забележуваат, секако не се убави, а ставот на скопјани е дека сликите треба да се целосно убави.

Овие примери само покажуваат дека постои одреден недостиг од комуникација и координација меѓу општините и градот во решавање на проблемите со кои се соочува Скопје. Граѓаните не може да не реагираат кога ќе забележат од едната страна на улицата уреден парк, а од другата сосема запуштен. Ваков пример претставува зеленилото што се наоѓа на улицата Јуриј Гагарин. Вообичаено, кога ќе се посочи прашањето зошто во едниот дел од улицата зеленилото е искосено, а другиот дел не е, тоа е така затоа што не е под нивна одговорност. Или, како што е примерот со автобуските постојки на градската сообраќајница Втора македонска бригада. Од едната страна има модерна автобуска постојка со клупа и стреа, а од другата, пред црквата „Свети Никола“, автобус се чека под сенките на дрвјата, каде што нема никакво обележје дека има постојка. Дали едната општина повеќе се погрижила од другата или тоа може и градот да го реши, прашуваат граѓаните.

– Живеам во Козле и често поминувам по улицата Јуриј Гагарин. Пред некое време од десната страна, кај што се зградите, видов како го косат блоковското зеленило. Додека, пак, од другата страна, зад градската кафеана „Фурна“, тревата не беше допрена, паркот целиот обраснат. Кога прашав еден ден тие што работеа зошто не го искосат зеленилото од другата страна, ми рече дека тие се грижат за состојбата со зеленилото што е под нивна надлежност, а паркот од другата страна не бил под нивна надлежност. Како може ваков начин на работа да е во ред. Секако, потребна е координирање на властиве за да може да ја завршат работата заедно, а сето тоа за да ни изгледа градот поубаво – вели Тамара Давитковска.

Од градот Скопје кажуваат дека со општините имаат соработка на високо ниво, која најчесто е во насока на заедничка реконструкција на некоја од општинските улици, кога одлуки носат општинскиот и градскиот совет. Тие постапуваат во согласност со нивните надлежности. Оттаму и објаснуваат дека кастрење и сечење на дрвја се прави од страна на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, по добиено решение издадено од Секторот за комунални работи на градот Скопје.

Општината Карпош тврди дека има одлична соработка со градот.
– Општина Карпош е во постојана соработка и координирани активности со другите соседни општини, јавните претпријатија и градот. Како пример при сечењето исушени дрвја и гранки (исклучива надлежност на ЈП „Паркови и зеленило“), одржување на јавните површини, заедничко садење нови дрвја/садници, реконструкција на коловозите, магистрални, станбени, сервисни улици и слично, заеднички манифестации за поголема безбедност на граѓаните и во сообраќајот и мноштво други. За реализација на одредена заедничка акција со некое јавно претпријатие или градот (јавните претпријатија „Паркови и зеленило“, „Комунална хигиена“, „Градски паркинг“, „Улици и патишта“) понекогаш е потребно повеќе време.

Некои се завршени во рекордно кратко време, некои се во тек, а некои чекаат реализација. Како и да е, доколку се случи застој во кој било домен или од каква било причина, како општина, веднаш реагираме и се трудиме активностите да бидат завршени навремено – велат од општината Карпош.

Од општината Кисела Вода исто така зборуваат за одлична соработка со градот Скопје и неговите јавни претпријатија. Секогаш велат дека кога има потреба, како локална самоуправа, заеднички со градот преземаат активности во интерес на сите граѓани.
Ако е тоа така, дека општините имаат одлична соработка со градот, тогаш и навистина нека биде, бидејќи, секако, е потребно и треба тесно да соработуваат во еден систем со кој заеднички ќе ги решаваат проблемите на Скопје.