Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ деновиве реализира акција за миење и чистење на сообраќајниците. Оваа редовна активност на комуналците се реализира на оние улици каде што е најпотребно. Чистењето на јавните сообраќајни површини се врши во зависност од густината на населението, фреквенцијата на луѓе и моторни возила, степенот на нечистотија, инфраструктурните сообраќајни услови и начинот на однесување на граѓаните во урбаната средина. За миење на улиците „Комунална хигиена“ користи техничка вода. Директорот на „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, објасни дека претпријатието располага со осум автоцистерни за машинско миење на улиците.

– Машинското миење со автоцистерни се извршува сезонски, од 1 април до 30 октомври, бидејќи во зимскиот период постои опасност од подмрзнување на улиците. „Комунална хигиена“ има надлежност машинското миење со автоцистерни да го извршува само на главните сообраќајници и булевари. Миењето се спроведува во раните утрински или во доцните вечерни часови. Претпријатието ги чисти улиците во оној период кога нема голема фреквенција на пешаци и автомобили – изјави директорот Шабани. Х.Ј.