Учениците од 2-2 одделение при ООУ „Живко Брајковски“ во скопската општина Бутел, денешниот прв училишен ден од второто полугодие го започнаа на интересен и необичен начин. Тие заедно со менторката, одделенската наставничка Љиљана Атанасова, имаа драг гостин, хуманитарецот и сликар Живко Поповски – Цветин, со кого активно учествуваа во ликовно-музичка работилница.

А во 11 часот сите заедно со директорката на училиштето и наставниците, родителите, како и со преставници на општина Бутел ќе тргнат кон „Столбот на мирот“, кој наоѓа во холот на училиштето и со „Штафетата на мирот“, која ќе се предава од едно на друго дете ќе го означат почетокот на второто полугодие во оваа учебна година.

На крајот заедно со 21 балон ќе биде пуштена пораката за: здравје, мир и љубов за сите деца во светот!

Иницијатор на настанот е здружението за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“ и Живко Поповски – Цветин, од кого сите деца добија по една слика „Цвеќе на мирот“.