Градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев, директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Адријан Муча и оперативниот директор на претпријатието Игор Вељаноски денес на средба договорија хортикултурно уредување на повеќе делови од општина Карпош.

Планирано е хортикултурно да се уреди потегот спроти хотелот „Карпош“ на улицата „Шекспирова“, да се разубави делот околу Драмскиот театар во Карпош 2, ново зеленило ќе има на потегот долж булеварот „8 Септември“, како и делот од спротива, а ќе се разубави и потегот на улица „Љубљанска“, поточно, зеленилото спроти „Сити мол“ на страната на Карпош 4. 

– Имаме шанса да добиеме нови бели дробови не само за Карпош, туку за целиот град. Нашата намера е да започнеме со изведба на содржинскиот дел од паркот и веќе добивме грант од Светска банка за оваа намена, но потоа, целосно да го уредиме и продолжението на овој потег, за што ни е потребна поддршка од страна на ЈП „Паркови и зеленило“ и градските власти – истакна градоначалникот Богоев.

На средбата станало збор и за изградба на спортско – адреналинскиот парк кој ќе биде лоциран долж кејот на Вардар, од вештачката карпа до бунарите на рeката Лепенец.