Сопствениците на хаварисани возила се однесуваат многу комотно поради тоа што никој не ги санкционира, ниту пак може да им го однесе старото возило, бидејќи законските недоречености се на нивна страна. Законско решение сѐ уште нема, а општинските комунални инспектори и натаму се со врзани раце

Речиси е непишано правило најубавите сенки на паркинзите во населбите да се зафатени од некое хаварисано возило, кое стои таму со месеци, па и со години. Сопствениците на хаварисани возила несовесно се однесуваат, не ги отстрануваат своите крнтии за да можат нивните соседи да ги паркираат своите регистрирани автомобили. Станари секојдневно мака мачат да најдат паркинг-простор додека нивниот сосед им го узурпира местото со својот стар автомобил, кој можеби и не е во возна состојба и го користи за други потреби, служи како помошен магацин или слично. Сопствениците се однесуваат многу комотно токму поради тоа што никој не ги санкционира и не може да им го однесе старото возило, бидејќи законските недоречености се токму на нивна страна. Од некои скопски општини тврдат дека нивните комунални инспектори немаат законска можност да ги подигаат хаварисаните возила, бидејќи тие можат да бидат тужени од сопствениците и буквално може да завршат на суд. Некои општини прават само напори и обиди за нивно отстранување со ставање жолти налепници како опомена, за на тој начин да се отстранат барем дел, оние на посовесните сопственици. Од градот Скопје изјавуваат дека тие не се надлежни за проблемот со хаварисаните возила. Законско решение сѐ уште нема, а општинските комунални инспектори и натаму се со врзани раце.

– Хаварисаните возила најчесто се оставени на паркиралишта што се во надлежност на општините и за нивното евидентирање и отстранување надлежни се општинските комунални инспекторати – велат од градот Скопје.
Од општината Карпош изјавуваат дека сосема им е јасно колкав е проблемот со хаварисаните возила и тврдат дека навистина се наоѓаат во законски „теснец“ за конкретно решавање на проблемот.

– Во однос на хаварисаните возила, ние како општина немаме надлежност да казнуваме, а постапката за нивно отстранување е многу комплицирана и сѐ уште неизводлива за нас, зашто не можеме да најдеме некое законско покритие што ќе ги апсолвира сите можни закони. Проблемот е што законите меѓу себе не се усогласени. Она што го презедовме ние како локална власт на тој план е што преку урбаните и месните заедници остававме налепници на хаварисаните возила. Некои од граѓаните реагираа и ги отстранија возилата, но другите возила, особено на оние што со години не се во возна состојба, многу тешко им се наоѓа сопственикот, пред сѐ поради тоа што повеќето не ни имаат таблички. Јасно ни е колкав проблем е, но засега остануваме на ваков вид апели и предупредувања, додека целиот проблем не се апсолвира на повисоко ниво, со меѓуинституционална соработка – велат од општината Карпош.
И од општина Бутел потврдуваат дека сега локалната самоуправа нема таква законска можност, бидејќи комуналните инспектори можат да бидат тужени од сопствениците на хаварисаните возила и да завршат на суд.

– Нашите комунални инспектори имаат иницијатива да ги лоцираат и пребројат хаварисаните возила на територијата на општината Бутел и тука завршуваат нивните ингеренции. Ништо повеќе не можат да преземат, освен да ги опоменат сопствениците сами да ги отстранат. Уште пред повеќе од пет години, самите комунални инспектори констатираа дека не можат да постапуваат ниту по законот за јавна чистота, ниту по законот за сообраќај и поради тие законски недоречености бараа да се одреди кој ќе биде задолжен за подигањето на хаварисаните возила. Локалната самоуправа нема надлежност, па ситуацијата со хаварисаните возила сѐ уште е статус кво – објаснува Снежана Клинчарова, портпаролка во општината Бутел.