Неизмерно се среќни жителите на скопската населба Драчево што по повеќе децении се прави комплетна реконструкција на улицата Антон Димитров или како што повеќето сакаат да ја нарекуваат по старото име Жарко Зрењанин. И покрај тоа што изминатава седмица градежните работници копаат и работат со полна пареа, улицата е долга и ќе треба време за целосно да се обнови. Ама граѓаните што живеат на оваа адреса имаат трпение и разбирање. Не ги засега толку што во дождливите денови газат по кал и чакал и немаат каде да поминат, освен покрај својата куќна ограда. Тоа и не им е толкав проблем, колку што им е промената на името на улицата, која со години се викаше Жарко Зрењанин. Интересен е фактот дека тие што живеат на оваа улица во Драчево меѓусебно се поделиле околу тоа како треба да се вика улицата. Повеќето од нив велат дека ќе направат иницијатива да ѝ се врати старото име на улицата и тоа не само поради името на револуционерот и борец од НОБ Жарко Зрењанин, туку и поради тоа што постарите жители паметеле дека улицата ја изградила бригада од српскиот град Зрењанин. Тие се одлучни на улицата да ѝ се врати старото име.