Министерот за здравство, Венко Филипче, во врска со дисперзијата на Центарот за зависници во Кисела Вода информираше за конкретните чекори кои се преземаат за подготовка за оваа постапка.

– Целта на дисперзијата е да покажеме дека секој има право на пристап до здравствена заштита и има право на добивање квалитетна здравствена заштита. Пациентите ќе ја примаат потребната терапија во центрите, пред медицинскиот персонал, така што на овој начин се елиминира можноста за евентуално препродавање на терапијата – посочи министерот.

Тој потенцираше дека за дисперзијата е постигнат консензус со здруженијата од оваа област.

Филипче истакна дека мерката се спроведува како заеднички пристап со Здравствен дом Скопје, имајќи предвид дека вакви центри, покрај Кисела Вода и Градската болница „8 Септември“ ќе функционираат во рамки на поликлиниките во Аеродром и Ченто, како и Психијатриската болница Скопје, со тенденција дисперзијата да продолжи и во поликлиниките во Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари.

Според него, успешност на дисперзијата гарантираат помалиот број на пациенти, поголем број здравствени работници вклучени во овој процес, а со тоа е зголемена и контролата на начинот на делење терапија.

– Тие се наши соседи, пријатели, сограѓани, на кои треба да им овозможиме пристап до потребната терапија – нагласи министерот Филипче.

Тој исто така додаде дека следи подготвителен процес за обезбедување нови кадровски решенија односно планирано е вработување на дополнителни 20 психијатри кои ќе бидат вклучени во овие пунктови.

Филипче увери дека посебен фокус е ставен на условите каде ќе ја примаат терапијата овие пациенти, следи набавка на сефови за чување на терапијата, а паралелно ќе се работи со населението во насока на разбивање на стигмата кон овие пациенти и начинот на кој се лекуваат.