Фото: Игор Бансколиев

Се чини дека нема да се долови сета новогодишна магија ако ги нема и новогодишните честитки. Можеби сега, живеејќи во еден модерен дигитален свет, помладите генерации и не се многу заинтересирани да пишуваат хартиени честитки, но оние повозрасните сѐ уште не се откажуваат од нив. Пишувањето новогодишни честитки до блиските и сакани луѓе порано, а за некои и сега, предизвикува огромна возбуда и радост. Честитките особено ги радуваа децата и тие нетрпеливо го чекаа поштарот. За нив најчесто се испраќаа оние со нивниот омилен Дедо Мраз, од кого ги очекуваат новогодишните пакетчиња. И тогаш и сега најубавите новогодишни честитки се оставаат покрај новогодишната елка.

Некои граѓани веќе тргнале во потрага да ги купат оние најубавите, најблескавите, најновогодишните. Празничната еуфорија веќе ги зафати скопјани, откако градот е накитен со новогодишните чадорчиња и коцки, па многумина веќе се во потрага по своите најубави новогодишни честитки. Уличните продавачи веќе ја имаат комплетирано својата богата понуда и останува само секој да си го најде она што го бара, а потоа може да ужива во пишувањето на честитките и новогодишните желби за најмилите.