Основното училиште „Свети Климент Охридски“ во населбата Бутел доби нови прозорци и врати, а општината Бутел помогна во подновувањето на училишниот објект. Од локалната самоуправа информираат дека е завршена замената на сите метални прозорци во училишниот хол и во ходниците со нови ПВЦ-прозорци со термопан-стакло и нови портал-врати, кои значително ќе ја подобрат енергетската ефикасност во училиштето. Надлежните сметаат дека на тој начин се обезбедени квалитетни услови за реализирање на наставната програма во претстојната учебна година.

Градоначалникот на општината Бутел, Велимир Смилевски, вели дека во рамките на оваа акција е поставен линолеумски под во училниците на површина од 600 квадратни метри, сервисирани се алуминиумските прозорци во училниците, поставени се помошни прозорци на 23 врати од училници.
Учебната година во ова училиште ќе почне со нова мултимедијална библиотека за која е комплетно обезбедена нова просторија.