Со промоција на новата училишна градина во основното училиште „Аврам Писевски“ во населбата Бардовци се одбележа Светскиот ден на храната. Идејата е промовирајќи производство на храна да се издигне јавната свест и поддршката за училишни градини како ефективен концепт за практична едукација, кој може да помогне да се зголемат знаењето, љубовта и почитта на младите генерации кон производството на храна и здравата исхрана. Исто така, со промовирање посветеност кон животната средина да се покаже и грижа за заедницата. Сите овие активности се реализираат под мотото „Свет без глад до 2020 година е можен“ и „Нашите дејства се наша иднина“. Настанот е плод на соработката на организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со ООУ „Аврам Писевски“ и граѓанските организации „Слоуфуд Водно“ и „Ајде Македонија“.

– Секоја година, на 16 октомври, го славиме Светскиот ден на храната и се фокусираме на тема што е во срцевината на работата на ФАО и претставува клучно прашање што влијае на нашиот свет. Темата за оваа година „Нула глад“ е посветена на целта за одржлив развој „Свет без глад“, коja не само што се фокусира на искоренување на гладот во светот туку и на подобрување на исхраната и одржливото земјоделство – велат од ФАО.

Од тимот на Светскиот ден на храната информираат дека светот произведува доволно храна за да ги нахрани сите, а сепак околу 821 милион луѓе страдаат од глад, тоа е еден од девет луѓе. Околу 80 проценти од екстремно сиромашните во светот живеат во рурални средини, а повеќето од нив зависат од земјоделството. Ова значи дека треба да се работи на развој на земјоделскиот сектор и обезбедување подобри можности за земјоделците.

Целта на годинешниот настан во Скопје беа младите генерации, кои се потребни за заедно со нив да се дојде до градење нова генерација и свет без глад, или „нула глад генерација“. Тие можат да научат како со менување на едноставните секојдневни навики можат да се хранат поздраво, да го намалат отпадот, паметно да ги користат природните ресурси и да водат поодржлив животен стил.