Во парк-шумата Гази Баба вандали уништиле клупи, знаци, дрвени куќарки и други дрвени реквизити наменети за рекреација на граѓаните.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски на својот фејсбук профил објави фотографии од уништената опрема за која потенцира дека била обновена минатата недела.

-Жалосно е што се почесто сме сведоци на дивјаштвото врз реквизитите и урбаната опрема која претходно била поставена на местата каде граѓаните најчесто рекреираат. Изминатиот викенд спроведовме заедничка акција за чистење на Парк шумата Гази Баба, а започна и обновата на урбаната опрема и реквизитите, но за жал само за неколку дена се уништени. Се прашувам, до кога ли? Кому му е толку мерак да уништи нешто што е поставено и за него? Наместо да се одржува и чува она што веќе го имаме, се повеќе се уништува- пишува Георгиевски во својот статус.

Парк шумата Гази Баба изобилува со прекрасна природа која е веќе реткост во главниот град. Многу скопјани се чести посетители на оваа зелена површина и тука го наоѓаат својот мир бегајќи од градскиот метеж.