Градоначалникот Петре Шилегов и министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска потпишаа Писмо за намери преку кое се дефинираат активностите за унапредување на културата на подрачјето на Град Скопје преку заедничко финансирање на изградбата на Универзална сала.

– Универзалната сала се враќа на градот. За таа цел потпишавме Писмо за намери со Министерството за култура преку кое се дефинираат активностите за унапредување на културата на подрачјето на Град Скопје преку заедничко финансирање на изградбата на Универзална сала. Во неа ќе се организираат културни и спортски настани, а граѓаните на Скопје и воопшто на Република Македонија ќе имаат можност да ги остваруваат своите општествени и културни права и вредности. Предвидено е изградбата на салата да почне во 2019 година – најави на денешната прес-конференција градоначалникот Шилегов.

Шилегов потсети дека салата веќе две години е затворена за посетители.

Изградбата на салата ќе биде според најсовремените стандарди за безбедност, за удобност на гледалиштето и за пристапност до објектот. Изгледот и функционалноста ќе бидат задржани, со дополнителни содржини за други културни институции.

Министерот Алаѓозовски нагласи дека денеска се означува почетокот на обновата на Универзална сала и изрази уверување дека одличната соработка со Град Скопје ќе придонесе да се изгради објект на културата според сите светски стандарди.