Познати се акциите на комуналците за собирање кабаст отпад и кога се прават граѓаните редовно се известуваат каде да ги остават непотребните работи. Наместо на одредените пунктови, некој досетлив граѓанин дошол до идеја дел од ваквиот мебел да го искористи на еден поинвентивен начин. Некој сметал дека има право својата стара фотелја да ја постави под некоја дебела сенка во строгиот центар на градот.

Не се знае дали намерата му била самиот да одмора под крошните на дрвјата или, пак, таа да му послужи на некој минувач што ќе има потреба за одмор под сенкa. Можно е некој да наумил да направи некаква инсталација во природа и тоа во строгиот центар на Скопје во близината на хотелот „Холидеј ин“, спроти црквата „Рождество на Пресвета Богородица“. Кој знае дали ова го направил од уметнички побуди или, пак, едноставно само се ослободил од стариот мебел што не бил во функција и тоа повторно на несоодветно место, како што прават и многу други.