За нецели шест месеци се регистрирани 396 прекршоци за мотоциклисти

Трки со мотори се случуваат по булеварите во Аеродром, Карпош, Центар, Чаир. Сега станува актуелен булеварот Крсте Мисирков на Бит-пазар, како и Втора македонска бригада и други улици и булевари. Граѓани тврдат дека, освен на градските сообраќајници, секој викенд го слушаат брмчењето на моторите што се тркаат на падините на Водно

Ноќните улични трки на мотоциклистите и ова лето ги вознемируваат граѓаните. Додека едни се исплашени за безбедноста во сообраќајот, други велат дека немаат мир од силната бучава на моторите, затоа што булеварот на кој живеат ноќе станува пофреквентна сообраќајница отколку што е прекуден.
Неофицијално дознаваме дека трки со мотори се случуваат по булеварите во Аеродром, Карпош, Центар, Чаир. Сега станува актуелен булеварот Крсте Мисирков на Бит-пазар, како и Втора македонска бригада и други улици и булевари. Граѓани тврдат дека, освен на градските сообраќајници, секој викенд го слушаат брмчењето на моторите што се тркаат на падините на Водно.

Тие што се дел од овие трки со мотори, освен што ги нарушуваат јавниот ред и мир, ги нарушуваат и сообраќајните прописи и не возат со дозволената брзина, која, секако, е ограничена во урбаните средини. Од МВР и овој пат тврдат дека скопската полиција ги интензивирала контролите во сообраќајот за спречување на дивите трки, а во последните редовни сообраќајни контроли казни добија повеќе моторџии. Само на 18 јуни, во периодот од 17.30 до 00.30 часот, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи – Скопје при спроведена акциска контрола за откривање прекршоци што ги прават возачи на мотоцикли откри 27 возачи што сториле прекршоци. Откриени беа и 58 други прекршоци за кои беа издадени 31 мандатен платен налог и 27 прекршочни платни налози.
– Одделението за безбедност на патниот сообраќај на целата територија на градот Скопје во континуитет презема соодветни законски мерки кон сите учесници во сообраќајот, во согласност со Законот за безбедност во сообраќајот и на патиштата. Токму поради тоа, а во рамките на спроведените акциски контроли од почетокот на годинава до средината на месецов, констатирани се 396 прекршоци за мотоциклисти, кои се соодветно законски процесирани. СВР-Скопје и понатаму интензивно ќе спроведува вакви контроли, а на тоа се сведоци граѓаните и во последните денови, кога секојдневно се изрекуваат над 200 мерки за несовесни возачи – велат од МВР.

Брзото возење на мотоциклистите во вечерните часови е постојана опасност за пешаците и другите учесници во сообраќајот, а тоа често може да биде и причина за сообраќајни несреќи. Неодамна мотоциклист на булеварот Партизански одреди удри во 83-годишна старица и побегна од местото на настанот. Жената доби тешки повреди и беше пренесена на лекување во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, а во прашање беше доведен нејзиниот живот. Она што е евидентно и веќе познато за трките со мотори е дека една ноќ се случуваат на една, а веќе следната се на друга сообраќајница. Полицијата многу ретко може да им влезе во трага и да ги санкционира. Дури и по пријава на граѓаните, тешко е да се стигнат и затекнат на самото место, иако од МВР велат дека имало случаи кога моторџиите биле затекнати. Можеби позачестено присуство на полицијата би можело и да го ублажи проблемот на граѓаните, наместо да се чека на нивните пријави дека на сообраќајницата на која се наоѓа нивната зграда има трка со мотори.

Сезоната на трки започна штом се подобрија временските услови. Силната бучава предизвикува вознемиреност кај жителите од соседните згради, а големите децибели им го нарушуваат сонот, особено на нивните помали деца. Многу граѓани се жалат на ваквата појава, но нивните апели не даваат плод.