Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Во последните податоци од Министерството за труд и социјална политика се наведува дека во Скопје има 167 деца питачи, кои се идентификувани на неколку пофреквентни крстосници во Скопје

Сликата со питачи на семафорски раскрсници, кои со подадена рака им приоѓаат на возилата, како да стана дел од скопското секојдневие. Доволно е само да се помине со автомобил по некоја од пофреквентните сообраќајници во градов и средбата со нив е неизбежна. Она што веднаш паѓа в очи е дека најголем дел од оние што питаат на сообраќајните крстосници се деца. Некои бараат пари, други продаваат разни дреболии, а трети нудат чистење на ветробранското стакло од автомобилот. Но на овој начин со нивното присуство на фреквентните улици тие најпрвин го изложуваат својот живот на опасност и истовремено пречат во ефективното и безбедно одвивање на сообраќајот. Нивното појавување по улиците не е ниту ново ниту од вчера, туку од многу одамна. Се поставува прашањето зошто, иако не е дозволено, тие се оставени да бидат присутни во метежот од возила по ризик на нивниот и животот на сите учесници во сообраќајот.

– Речиси на секој семафор од сообраќајните раскрсници гледам питачи. Доаѓаат како продавачи на ситни работи, но и како чистачи на ветробрански стакла, кои некогаш го прават тоа без одобрување на возачите и чекаат да им се плати за услугата. Некогаш треба да викам или да го придвижам автомобилот за да сфатат дека не сакам ништо од тоа што нудат. Тие на овој начин ја загрозуваат и нивната и мојата безбедност, но и безбедноста на другите. Ако го оставам автомобилот на улица, ќе ме казнат, а питачите што цело време шетаат слободно по улиците, се лепат на автомобилите и пречат по сообраќајниците како да не е важно – вели Филип Ристовски.

„Чичко, дај некој денар“ или „те молам, дај ми пари, немам за јадење“ се обраќањата од децата питачи што застануваат речиси пред секој автомобил од колоната што чека на семафор. Во согласност со Законот за прекршоците против нарушување на јавниот ред и мир, питањето се смета за прекршок, а за прекршокот се одговорни и родителите и старателите на детето или малолетникот што пита.

– Во согласност со законската регулатива не е дозволено да се пита или извршува дејност како што е продажба на производи на сообраќајници, улици и други јавни површини, каде што тоа е регулирано со Законот за безбедност во патниот сообраќај и другите закони, како и со Законот за правда на децата – велат од Министерството за внатрешни работи.

Тие тврдат дека во координација со Министерството за труд и социјална политика, како и социјалните служби, спроведуваат акции за сузбивање на ваквите појави и отстранување деца од улиците. Резултат од преземените мерки и активности претставува мерката одземање на родителското право на родителите што ги тераат своите деца на питање или, пак, посредуваат во тоа.

И покрај акциите за кои надлежните велат дека ги реализираат, деца питачи гледаме речиси на секој семафор. Наместо на училиште, тие се на улица.
Според последните податоци од официјалната страница на Министерството за труд и социјална политика, во Скопје има 167 деца питачи што се идентификувани на неколку пофреквентни крстосници. Повеќето од нив се без документи и не се вклучени во образовниот процес.