Улицата Борис Сарафов во Ѓорче Петров доби семафор, како решение на проблемот со брзото возење поради кое неодамна дете доби тешки телесни повреди. Токму делот од оваа сообраќајница кај основното училиште „Мирче Ацев“ важеше за критична точка во сообраќањето на возилата во оваа скопска населба.
– Од општината соопштуваат дека очекуваат во секој момент ЕВН да ја пушти електричната енергија и семафорот да проработи. Во очекување струјата да пристигне, се поставуваат и преостанати сообраќајни знаци за регулација на брзината. Се означуваат и пешачки премини по должината на целата улица – соопштуваат од Ѓорче Петров.

Паралелно со семафорот поставена е и ограда кај училиштето, заради подобра безбедност, пред сѐ на децата. Од општината соопштуваат дека очекуваат многу скоро да се искастрат гранките и зеленилото околу семафорот, за да се подобри видливоста.
Од Ѓорче Петров додаваат дека на оваа сообраќајница ќе има и зачестена контрола од сообраќајната полиција, со што сметаат дека многу повеќе ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот, но пред сѐ на децата.