Заврши реконструкцијата на коловозот на дел од улицата Александар Урдаревски во општината Бутел. Оваа сообраќајница се реконструираше од крстосницата со улицата Бутелска до крстосницата што води кон влезот во гробиштата во Бутел, а во вкупна должина од околу 800 метри. На овој потег од улицата беше целосно извадена старата и оштетена коцка, а наместо неа сега коловозот има асфалтна површина. Исто така беа изградени нови тротоари со широчина од по два метри.

На дел од сообраќајницата се изгради и нова водоводна, атмосферска и фекална мрежа, а беше обновено и уличното осветлување. Улицата доби и нова вертикална и хоризонтална сигнализација.

Од општината Бутел сметаат дека со реализацијата на овој проект ќе се подобри поврзаноста на овој дел од градот и општината Чучур-Сандево, а наедно ќе се зголеми и безбедноста за сите учесници во сообраќајот. С.Р.