Кражбата на капаци, како и на решетки на сливници, е честа појава

Во минатото оваа појава беше карактеристична за периферните делови на градот, но, за жал, во изминатиов период со овој проблем се соочуваме и во централното градско подрачје

Зачестена појава што станува сериозен предизвик и за граѓаните и за ЈП „Водовод и канализација“

Отворени канализации и шахти без капаци е зачестена слика низ улиците, парковите, тротоарите, но и помеѓу куќите и зградите во населбите низ градот. Честопати се случува да пропадне во отворена шахта некое лице или едно тркало на возило. Малите деца се најчести жртви на вакви незгоди, затоа што при играње и трчање честопати не ги забележуваат дупките, а досега, за среќа, не се случил посериозен инцидент, кој би одзел и човечки живот.
И за сите тие незгоди, најчесто, причина се граѓаните, кои ги крадат капаците за да ги препродаваат како старо железо.
– Отсекогаш било познато зошто ги крадат капаците. Истите тие ги препродаваат како старо железо за да земат пари. Сега не знам колку можат да ги продадат тука, затоа што мислам дека и откупувачите на железо се плашат да ги земаат, за да не си направат проблем. Но тоа секогаш може да се реши со уништување на обележјата на капаците или, пак, намерно кршење, за да не се види дека се капаци од канализациски мрежи. Јас сум сведок дека по должината на мојата улица тоа е честа појава. А токму пред некој ден и на соседната улица имаше отворена шахта на самата улица и јас повторно пријавив. Знаете ли колку возила нагло кочеа за да не пропаднат или, пак, нагло вртеа во другата лента за да избегнат материјална штета? Со тоа си го ризикуваа сопствениот живот, но и животите на другите, затоа што и од спротивната лента се случуваа нагли вртења за да се избегне директен судир помеѓу возилата – вели Гоце Петревски од Автокоманда.

Мајка на шестгодишно дете, пак, раскажува дека нејзиното дете пропаднало во отворена атмосферска канализација. Вели дека, за среќа, го држела детето за рака и успеала да го додржи да не пропадне целосно внатре.
– Вообичаено силно го држам син ми за рака, затоа што е палав и знае да ми избега. Среќа што во тој момент додека чекоревме веќе го забележав отворот, но и цврсто го држев за да не пропадне. Бевме залетани и воопшто не увидов дека мрежите од сливниците се извадени. Добро е што немаше никакви посериозни последици и што сѐ помина во најдобар ред – раскажува скопјанката Роза Миленковска.
И велосипедистите велат дека имаат проблем со отворените шахти и дека, поради тоа, често им се оштетуваат велосипедите.
– Не може секаде однапред да се види отворена шахта. Додека да видиш, веќе тркалото ти удрило во дупката и се искривило. Еднаш дури и се превртев од велосипедот и паднав прелетувајќи преку него. Немав посериозни повреди, но сепак тој што ги краде капаците треба да има малку совест дека ризикува човечки животи – објаснува велосипедистот Александар Трајановски.

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ велат дека кражбата на капаци, како и на решетки на сливници, е честа појава и дека сето тоа продолжува и покрај апелите да не се прави тоа.
– Во минатото оваа појава беше карактеристична за периферните делови на градот, но, за жал, со овој проблем се соочуваме и во централното градско подрачје. Со нивната кражба претпријатието претрпува големи штети, бидејќи не е проблем само нивната замена, туку и тоа што до нивната замена постои голема веројатност да се нанесе штета во самиот канализациски систем, затнување, со што ќе бидат оштетени и граѓаните, меѓу кои може да бидат и самите сторители. Секоја потврдена кражба на капаците или решетките за сливниците се пријавува во МВР и оттаму соодветно се постапува по пријавите – информираат од водоводното претпријатие.

Оттаму додаваат дека не знаат зошто се крадат капаците и истакнуваат дека причината за тоа останува енигма. Но исто така велат дека времето на реакција за да се санира што побргу проблемот настанат со недостиг или оштетување на шахтите е доста скратено, односно интервенциите по оваа основа се многу побрзи од порано, за што сведочат и повеќе анкетирани граѓани. Во секој случај, виновниците за ваквите несакани појави, според упатените, се добро позната категорија граѓани на кои треба многу поинтензивно да им се посвети внимание и од едукативен и инклузивен аспект.

[email protected]