Истекувањето на маслото од возилата претставува показател за неисправност на возилото, но уште поголеми се последиците по животната средина / Фото: Игор Бансколиев

При појава на истечено масло на јавни и сообраќајни површини што се во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, екипите на претпријатието најпрво го посипуваат местото со песок (земја) за да се впие маслото, а потоа со помош на електрична метларка се врши суво метење на локацијата. Тоа е единствениот начин да се санираат евентуалните штетни последици за возилата и минувачите, информираат од претпријатието

НЕИСПРАВНИ АВТОМОБИЛИ ЈА ЗАГАДУВААТ ОКОЛИНАТА, НО СОЗДАВААТ И СООБРАЌАЈНИ РИЗИЦИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Ризикот по животот на луѓето, безбедното движење на пешаците, велосипедистите, но и по безбедноста во сообраќајот на возилата сѐ почесто е присутен поради несовесното постапување на возачите кон нивните автомобили, особено за истекувањето на моторното масло. Оваа појава станува сѐ позачестена, како што расте бројот на паркиралишта, улици и тротоари, пропорционално расте и појавата на истечено моторно масло од превозните средства. Негрижата за возилата негативно влијае на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, бидејќи прегореното масло кога поради некоја причина ќе истече од возилото е лизгаво и особено опасно за постарите лица, децата, велосипедистите и за автомобилите. Наедно, тоа силно девастирачки влијае на животната средина, особено на водите каде што неконтролирано истекува. Додека загревањето на простории (работилници) со прегорено моторно масло е посебен проблем.

ТЕШКО СЕ ЧИСТАТ ДАМКИТЕ ОД МОТОРНО МАСЛО НА УЛИЦИТЕ

Еден драстичен пример е околината во близината на објектот на Општина Чаир, односно целиот тој потег што се користи како паркиралиште не само за возила туку и за таксистите. За жителите на оваа населба, ваквата состојба претставува сѐ поголем проблем: непријатна миризба, теренот е лизгав, опасно е да се минува на тој потег, па велат дека иако реагираат до сопствениците на возилата, досега решение за овој нивни проблем нема.
– Имам мали деца со кои морам да поминам токму на тој тротоар за да заминам дома или да одам до продавница. Огромните дамки од маслото се лизгави, а деца знаете и сами дека не се многу внимателни кога се движат. Синот со велосипед неколкупати досега падна како последица на маслото на тротоарот. Некои од сопствениците на возилата дури и тука си ги поправаат возилата, па кога ќе им укажам веднаш со висок тон и со закани ми велат да не се мешам и дека тоа не е моја работа – вели Ирена Јовановска, жителка на оваа населба.
Од Јавното комунално претпријатие велат дека во вакви случаи не можат многу да направат, освен да се обидат да го исчистат истеченото масло од возилата.
– При појава на истечено масло на јавни и сообраќајни површини што се во надлежност на ЈП Комунална хигиена – Скопје, екипите на претпријатието најпрво го посипуваат местото со песок (земја) за да се впие маслото, а потоа со помош на електрична метларка се врши суво метење на локацијата. Тоа е единствениот начин да се санираат евентуалните штетни последици за возилата и минувачите – информираат од претпријатието.
Од Градот информираат дека ќе ја испитаат оваа појава.
– Ќе пријавиме за да се испита оваа појава од страна на нашите комунални инспектори и редари за нејзино санкционирање – одговорија градските власти.

ОГРОМНА ШТЕТА ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

За жал, штетата од истеченото моторно масло е уште поголема за животната средина.
Испарувањето на моторните масла од земјата, нивното мешање со вода, доаѓањето во контакт со животните, се само мал дел од ризиците што се појавуваат како последица не неисправните возила.
Истекувањето на маслото од возилата претставува показател за неисправност на возилото, но уште поголеми се последиците по животната средина.
Според научните истражувања, моторните масла се создадени за да го подмачкаат и ладат моторот на автомобилот. И таа нивна намена завршува тука. Тие се штетни за животната средина, убиствени се за животните и растенијата, а смртоносно се опасни и за животот на луѓето.
Нивното истекување завршува во водата што ја пиеме, бидејќи при само еден дожд, се мешаат со водата што потоа завршува во земјата, во растенијата, а при испарување, истите тие повторно ни се враќаат како бумеранг во форма на дожд што ни ги наводнува растенијата и садниците. Така загадената вода доаѓа во контакт со овошјето и зеленчукот со кои секојдневно се храниме, доаѓа во контакт со реките и езерата каде што во летниот период се разладуваме…
Кога истеченото моторно масло доаѓа во контакт со сончевите зраци, како последица на топлината, се случува испарување при кое се испуштаат штетни хемикалии во воздухот, со што директно се зголемува загадувањето на воздухот. Кај луѓето што ги вдишуваат овие штетни хемикалии се забележуваат негативни здравствени последици како болести на белите дробови, отежнато дишење и слично.

[email protected]