Градскиот парк по земјотресот

Утрото на 24 јули 1963 година, младиот Јордан Анастасовски ја напуштил семејната куќа во Дебар Маало, и заедно со својот пријател се качил во легендарното Фичо и заминал на одмор – неговата крајна дестинација била Цриквеница, Хрватска. Бидејќи патот бил долг, на 25 јули двајцата сопатници решиле да одморат во Загреб, а следното утро да го продолжат патот.  

Јордан Анастасовски со сопругата, во позадина е легендарното Фичо

На 26 јули пријателите пристигнале во Цриквеница, пред да се сместат и отпакуваат, Јордан Анастасовски се упатил кон една од куќите со намера да побара вода за освежување. Најверојатно поради говорот, домаќинот на куќата го запрашал Јордан, од каде е, на што Јордан одговорил дека пристигнува од Скопје. Откако Хрватот го слушнал одговорот, го поканил да влезе во куќата каде што бил вклучен телевизорот и му пренел дека Скопје е уништено. Веста и сликите од тв екранот, за младиот Јордан биле како гром од ведро небо. Првата мисла му била дали членовите на неговото семејство се живи, останал во недумица бидејќи неможел да воспостави контакт.

Веднаш се упатил кон неговиот пријател и му пренел дека Скопје е уништено. Повторно се качиле во Фичото и се упатиле кон Скопје, по истиот пат по кој и пристигнале. По некоја случајност, задната шофершајбна на возилото била скрешена, следствено двајцата пријатели постојани биле запрашувани каква е ситуацијата во Скопје, мислејќи дека е оштетена во текот на земјотресот.

По долгото и напорно патување, Јордан Анастасовски пристигнал во Скопје и се упатил кон својот дом. Глетката била ужасна, но неговата куќа не била срушена. Набргу започнал да трага по своето семејство, а среќата повторно му се насмеала кога ги пронашол живи и здрави во градскиот парк, сместени во шатори. 

Јордан Анастасовски и неговото семејство живееле еден месец во шаторите. Долги години Јордан се присеќавал на морничавите звуците кои гавраните ги испуштале од околните дрва, кои исплашени од постајаните помали земјотреси бегале.