Интерните процедури за продажбата на билетот се при крај Фото: Маја Јаневска-Илиева

Откако ќе се воведе, билетот ќе го има на сите продажни места и во автобусите на сите линии. Од ЈСП најавуваат нова апликација „скопска“ наменета за паметни уреди, која ќе им овозможи на корисниците да ги купуваат услугите на ЈСП, да ги планираат своите патувања со автобус, да добијат информации за возниот ред во реално време…

Долгоочекуваниот билет за еднократна употреба, односно за едно возење во јавниот градски превоз наскоро ќе се продава во сите продажни места и во сите автобуси, на сите линии. Но иако долгонајавуван, овој начин на плаќање сѐ уште го чека својот ден. Од јавното сообраќајно претпријатие не прецизираат кога точно, но велат дека тоа ќе се случи набргу, по завршувањето на интерните процедури што се поврзани со организацијата и евиденцијата на продажбата. Овие процеси претпријатието ги приведува кон крајот и наскоро билетот за едно возење ќе може да го купуваат сите што одвреме-навреме го користат јавниот градски превоз, особено оние што доаѓаат од внатрешноста на земјава, како и туристите што го посетуваат градов. Ваков билет многу веројатно ќе користат и оние што не стигнале да ги дополнат своите електронски картички „скопска“ или, пак, не користат електронски картички и немаат паметен мобилен телефон, со кој исто така може да го валидираат возењето. Цената на билетот за едно возење ќе биде 50 денари и веќе е одобрена на Советот на градот Скопје. Некои граѓани коментираа дека е превисока и дека е речиси изедначена со цената на јавниот превоз во европските градови, а ние немаме европски плати.

Одредено количество од т.н. билет за едно возење беше пуштено пробно во ноември 2019 година и, како што информираа од ЈСП „Скопје“, само во одредени билетарници и само на неколку автобуски линии.

Освен билетот за едно возење, граѓаните што користат јавен градски превоз очекуваат дополнувањето на билетите и средствата на електронскиот паричник да можат да го направат електронски од своите мобилни телефони или, пак, од домашните компјутери преку своите банкарски сметки. Иако порано ова беше најавувано од претпријатието, сега велат тоа не ќе може да се направи без повторно да се посетат нивните билетарници или продажни места. Од претпријатието најавуваат нова апликација.

Станува збор за виртуелна картичка „скопска“, наменета за паметни уреди, која, меѓу другото, ќе им овозможува на корисниците преку паметните уреди да можат да ги купуваат услугите на ЈСП, да ги планираат своите патувања со автобус, да добијат информации за возниот ред во реално време…

-Апликацијата е во верзија „бета 3“, а се очекува многу наскоро да биде пуштена во комерцијална употреба. Се прават финалните модификации на апликацијата, која на крајните корисници треба да им овозможи што полесна употреба и користење на услугите на ЈСП „Скопје“. Што се однесува до билетот за едно возење, не е дистрибуиран на сите продажни места и на сите линии. Целосна дистрибуција ќе се изврши во многу скоро време, имајќи предвид дека неопходните процедури се во крајна фаза од имплементација – објаснуваат од ЈСП.

Оттаму додаваат дека електронската картичка „скопска“ поради применетата технологија на електронскиот паричник никогаш нема да може индиректно да се дополни. Објаснуваат дека е можно од страна на корисникот да бидат уплатени средства преку веб-страницата или наменска апликација, но за да бидат на располагање, ќе мора прво да бидат впишани на картичката, што е можно да се направи само преку ПОС-терминал, односно корисникот и во тој случај ќе мора да посети некое продажно место. Од претпријатието додаваат дека како опција ова ќе биде овозможено со изработка на новата веб-страница на ЈСП-Скопје.


Обнова на персонализираните електронски картички 

 
Корисниците чија персонализирана картичка „скопска“ е постара од четири години, за да можат и натаму да ја користат во јавниот градски превоз, ќе мора да ја обноват. Обновувањето на персонализираните картички е поради тоа што системот за електронска наплата на билети не овозможува продолжување на рокот на важност на овој тип картички без нивна замена. Така што, оние што набавиле „скопска“ пред 2016 година ќе треба да набават нова персонализирана картичка, која чини 200 денари.
Јавното сообраќајно претпријатие во моментов е во процедура за набавка на нови електронски картички и билети, со тендер што беше распишан до 30 јануари.