Граѓаните на Карпош што ќе купат печки на пелети во периодот од почетокот на годинава, односно од први јануари до 31 мај 2021, може да поднесат барања до Министерството за економија за субвенции, односно за надоместување на дел од трошоците. Притоа тие ќе добијат поврат на пари до 50 отсто за оваа 2021 година, но не повеќе од 20 илјади денари од домаќинство, и до 70 отсто од вложеното, но не повеќе од 25 илјади денари за лица со пониски примања. Единствен услов е домаќинствата да не користеле веќе вакви бенефиции од буџетот на државата. Инаку, лица со ниски примања се сметаат оние што во домаќинството немаат вкупно приходи повеќе од 30 илјади денари, пензионерски семејства со примања до 20 илјади денари или семејства од ранливи групи.

Принципот на доделување на субвенциите е „прв дојден – прв услужен“.
Под исти услови, со исти проценти, суми и за исти категории граѓани ќе се надоместува и дел од трошоците за купени или вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци, ако и тие не користеле досега средства од државниот буџет за таа намена.
– Жителите на Карпош исто така може да користат поврат на средства врз основа на објавен оглас на Министерството за економија и доколку купат соларни терминални колекторски системи (колектори, резервоари за топла вода и потребна инсталација), и тоа до 30 отсто од вложеното до десет илјади денари за 2021 год. и до 70 отсто, но не повеќе од 15 илјади денари, ако се лица со ниски примања. И за ова условот е апликантите за ваков вид субвенции веќе да не користеле буџетски средства за оваа намена. И во овој случај важат критериумите за граѓани со различни износи на примања, поточно повисоки субвенции добиваат домаќинства со ниски примања до 30 илјади денари вкупно, или пензионерски до 20 илјади денари, како и ранливи потрошувачи, приматели на минимална гарантирана помош, лица во социјален ризик (мајчинство, болест, повреда, попреченост, старост) – информираат од Општината.

Од Карпош велат дека за сите подетални услови за аплицирање за паричен надоместок од Министерството за економија, како и за тоа кои обрасци и документи треба да ги приложат, граѓаните треба да видат во деталниот јавен оглас и на страницата на Министерствотоo за економија www.economy.gov.mk