Благодарница за посветениот волонтерски ангажман и придонес, денеска му беше доделена на студентот Драган Тануровски, кој беше избран за волонтер на годината од Црвен Крст на град Скопје. Освен него, благодарници добија уште шестмина волонтери. Наградите ги додели градоначалникот Петре Шилегов кој им честита за желбата да помагаат и за мотивот да ја негуваат хуманоста.

– Во организацијата Црвен Крст активно сум волонтер од 2014 година, затоа што сакам да им помагам на луѓето. Од минатата година сум во тимот за подготвеност и дејствување при катастрофи. Работам на подигање на свеста за здравствена превенција, на подигање на свеста за учење на прва помош. Ова признание за мене претставува голем мотив, да продолжам со мојата успешна рмисија и работа – вели Тануровски, кој е студент во прва година на Медицинскиот факултет.

Градоначалникот Шилегов, истакна дека ова се луѓето кои се најдобар пример за тоа, како се гради хумано општество и како се сака околината во која се живее.

Инаку, волонтер на Црвен Крст може да биде секој кој има желба да придонесува за подобрување на животот на ранливото население, кое живее во тешки економски и социјални услови. А.П.