Во практика, физичката бариера е најдоброто решение при сообраќајното регулирање / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Заштитните столпчиња и огради станаа дел од сообраќајните решенија за поголема безбедност во сообраќајот, задолжителна нова урбана опрема за заштита од бесните и несовесни возачи што ги узурпираат тротоарите. Во општините се поставуваат многу често и по барање на граѓаните. Градските власти со поставувањето столпчиња ослободиле површина во должина од околу 10 километри за слободно движење на пешаците и велосипедистите

Преполни тротоари со автомобили наместо по нив да се движат пешаци. Постојана слика како во строгиот градски центар, така и во голем дел од населбите. Додека едни возачи се несовесни и постојано го узурпираат пешачкиот простор, други се уште понесовесни и со пречекорување на дозволената брзина во градската средина предизвикуваат страв кај оние што се движат по пешачките простори, особено на улици на кои има училишта и градинки и преминуваат родители со деца. Со години се покажува дека не помагаат ниту казните за брзо возење ниту, пак, за паркирање на недозволени површини. Спас од бесните возачи, како и од оние што се паркираат на недозволени површини надлежните видоа во поставувањето на заштитните огради и столпчиња. Како печурки по дожд металните столпчиња почнаа да никнуваат по тротоарите на многу градски сообраќајници, а надлежните од локалните самоуправи потоа преминаа и на поставување заштитни огради пред градинки и училишта за да ги заштитат децата. Така, заштитните столпчиња и огради станаа дел од урбаната опрема. Градските власти со поставувањето столпчиња по тротоарите го ослободија просторот за пешаците и им дадоа можност за слободно движење и на велосипедистите.

Ослободувањето на јавниот простор и заштитата на велосипедските и пешачките патеки од несовесните граѓани што ги паркираат нивните возила на јавни површини е еден од приоритетите на Град Скопје во изминативе неколку години. Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ работат на ослободување на просторот и на пешачките и велосипедските патеки од непрописно паркираните возила, каде што изминативе години се поставени столпчиња по должината на сите улици и булевари каде што е утврдена потреба, а ослободена е површина во должина од околу 10 километри. Дополнително, спроведена е акција на терен, каде што се отстранети 240 билборди и реклами во Малиот ринг, со што дополнително се стимулираат користењето велосипед и пешачењето. Поставувањето на столпчињата е континуиран процес, кој се врши од страна на ЈП „Улици и патишта“, каде што, покрај поставување нови, се врши и обнова на оштетени столпчиња на локации каде што се веќе поставени – објаснија од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека во моментов, во согласност со информацијата добиена од страна на претпријатието, вакви столпчиња се поставуваат на повеќе локации на улицата Френклин Рузвелт, како и на повеќе микролокации на булеварите 8 Септември и Партизански одреди.

Што значат столпчињата за општините Аеродром, Центар и Гази Баба

За поголема безбедност во сообраќајот се погрижија и надлежните од Општина Аеродром, поставувајќи исто така заштитни столпчиња и огради.
Заштитните столпчиња и оградите се поставуваат како дел од сообраќајните решенија за поголема безбедност во сообраќајот. Тие се поставуваат во зависност од ситуацијата и потребите на терен, а многу често и по барање на самите жители. Целта е да се обезбеди безбедност за движење на пешаците, велосипедистите и возачите и досега секогаш давале резултат. Во близината на сите училишта и градинки е поставена вертикална и хоризонтална сигнализација, а во наредниот период планирано е поставување на иста таква сигнализација и кај ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче – информираат од Општина Аеродром.
Од Општина Центар велат досегашната практика им покажала и ги убедила дека заштитните столпчиња и заштитните огради се најдоброто решение при сообраќајното регулирање и токму затоа и натаму ќе се практикуваат на сите критични места.
Поставувањето заштитни огради и столпчиња не е единствениот, но е еден од најефикасните начини за заштита на пешаците и на велосипедистите. Досегашната практика покажува дека физичката бариера е најдоброто решение при сообраќајното регулирање. Општина Центар вакви столпчиња и огради има поставено речиси на секоја споредна улица и во близината на сите детски градинки и основни училишта. Покрај редовните активности, со замена и обнова на оштетените столпчиња и огради, ќе продолжиме со поставување секаде каде што ќе се јави потреба од тоа – вели Емил Димитриевски од Одделението за односи со јавност во Општина Центар.
Општина Гази Баба заштитните столпчиња ги користи за да се спречат возила да се паркираат на јавни зелени површини или пешачки патеки. Оттаму надлежните велат дека, за жал, поставувањето на овие столпчиња не е секогаш решение на овој проблем.

Често сме сведоци дека граѓаните намерно ги оштетуваат за да можат повторно да се паркираат на места каде што не е дозволено тоа. Потребно е кај секој од нас граѓаните, кои во каква било форма сме учесници во сообраќајот, дали како пешаци или со возило, да ги почитуваме прописите за ограничување на брзината до 50 километри, возилото да не го паркираме на коловоз или пешачка патека, со што би оневозможиле пристап на лице со количка или, пак, како пешаци улиците да ги поминуваме секогаш на обележан пешачки премин. Само така би можеле да имаме успех по ова прашање. Како општина сме во постојана координација со ПС Автокоманда, па дури и на седниците од Советот за превенција заеднички инсистираме на поголеми и построги контроли и казни за оние учесници што сериозно го загрозуваат сообраќајот со прекумерната брзина – информираат од Општина Гази Баба.

На територијата на оваа скопска општина заштитни огради се поставени на неколку локации, особено пред основните училишта и детските градинки што се изложени директно на фреквентна улица. Таков е примерот со ООУ „Дане Крапчев “ во населбата Ченто.
Наша цел е поставување заштитна ограда, но и ограничувачи на сообраќајот пред сите основни училишта и детски градинки во општината. Сепак повторно би истакнале дека од свеста кај сите учесници во сообраќајот зависи колку ќе бидеме успешни по ова прашање. Како општина, заедно и со градот Скопје, во делот на улиците што се во негова надлежност, веќе имаме утврдено повеќе точки на кои треба да се постават заштитни столпчиња или ограда за зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Планираме поставување на заштитни столпчиња на улицата 16-та Македонска бригада и на улицата Благоја Стефковски за ослободување на пешачките и велосипедските патеки од возила, потоа на улицата Лазар Поп Трајков и пред ООУ „25 Мај“ – најавуваат од Гази Баба.