Фото: Маја Јаневска-Илиева

Возрасните лица, постарите, пензионерите, според расположливите статистики, се најризичната група во ова време на пандемија на коронавирусот. Организираните општества им обрнуваат посебно внимание не само во овој период на старите и снеможени лица, на пензионерите со пониски пензии, на сите оние што го дале својот придонес за општеството, кои во својата трета доба се помалку или повеќе беспомошни, осамени во своите домови или, пак, можеби болни… Како е третирана оваа возрасна категорија во нашата држава и колку организирано се пристапува кон решавањето на состојбите поврзани со возрасните лица, што дополнително е отежнато со корона-кризата?

Во услови на пандемија, но и со почетокот на летото и високите температури, повозрасните лица навистина имаат потреба од посебно внимание и грижа. Тие дефинитивно го заслужуваат тоа. Многу труд, работа, посветеност, многу направени добра на сите полиња на општествениот живот биле успешно реализирани од наши сограѓани што се сега во третата доба. Сојузот на здруженија на пензионери за овие свои членови се грижи на свој начин, посветено и низ многубројни содржини, а на различни начини грижа за нив покажуваат и здруженијата во општините, потоа Црвениот крст, како и државата преку Министерството за труд и социјална политика. Понекогаш можеби тоа не е доволно, но секогаш може и повеќе и подобро да им се излезе во пресрет на немоќните и осамените, кои со душа ги чекаат хуманите да им помогнат.

Хумана дејност и проекти на Сојузот на здруженијата на пензионери

Околу 272.000 пензионери се членови во пензионерските здруженија, кои ги има 53 во земјава. Само во Скопје има 14 здруженија и 90.000 пензионери. Една од целите и задачите на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија е развој на хуманитарната дејност, која беше засилена во овие услови на пандемија, особено што овие лица се ризична здравствена група. Од самиот почеток, на 26 февруари, кога беше објавено присуството на првиот случај на заболен од коронавирус во земјава, Сојузот препорача до сите здруженија превентивни мерки и побара да нема масовни собирања, организирање манифестации и настани и да се избегнуваат блиски контакти.
– Побаравме да им се помогне на оние што живеат сами, но најпрвин да се детектираат тие на кои им е потребна помош, за што требаше да се направат списоци. Прв пример на солидарност беше оној на здружението од Штип, кое подели 2.000 маски, по што нивниот пример го следеа и многу други здруженија. Потоа се делеа и пакети со храна и со хигиенски средства и на тој начин тие што беа приматели на помошта најцелисходно и директно ја почувствуваа грижата од нивните здруженија.

Соработката на здруженијата со општините и Црвениот крст ги истакна грижата и вниманието за овие лица. Сите општини покажаа дел од заемноста и солидарноста за помош. Се организираа и во самите здруженија подвижните да им помогнат на неподвижните пензионери, помладите на повозрасните. Таа соработка се одвива во континуитет, бидејќи пандемијата сѐ уште е присутна. Во сетот мерки што ги предвиде Владата побаравме да бидат вклучени и пензионерите со ниски примања, кои ќе бидат опфатени со четвртиот сет владини мерки. Како сојуз, ние побаравме на сите нивоа да им се помогне на оние со мали пензии во сите 53 здруженија – вели Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија.
Од оваа организација велат дека имаат и проекти за помош, бидејќи во некои од здруженијата има пензионери со над 80 години возраст. Тој дел сакаат да го развиваат преку социјалните сервиси на општините. Практиката на помош е различна, во зависност од општината. Притоа ја истакнуваат добрата соработка со Црвениот крст и општините.

Црвениот крст има свои програми за стари лица

Македонскиот црвен крст и Црвениот крст на Скопје постојано работат на различни програми за грижа за старите лица. Од градскиот црвен крст велат дека програмите што ги имале, сега ги приспособиле на новите здравствени услови и според протоколите на Владата и на Комисијата за заразни болести, за да можат на лицата од третата доба да им помогнат на што посоодветен и поцелисходен начин, но и да го задржат квантитетот и квалитетот.
– Програмите се реализираат во три различни програмски активности. Во првата имаме медицински сестри и парамедицинари, кои ги опслужуваат корисниците на дневните центри. Тие им обезбедуваат храна, хигиенски средства со нивни пари или со средства од Црвениот крст што се обезбедени од донации. Исто така, остваруваат контакти со нивните матични лекари и вршат дистрибуција на онколошка терапија. Во оваа група на услуги е вклучена и СОС-линија, на која корисниците можат да се јават и да побараат психолошка поддршка или да бидат упатени на понатамошен третман. Вториот дел програми се реализираат преку Центарот за нега, кој ги опслужува семејствата што имаат потреба за нега на болен.

И во оваа програма е вклучена СОС-линија, преку која корисниците на услугите можат да се информираат за таканаречените социјални сервиси и за сѐ што им треба. Обезбеден е и медицински транспорт на болен, организиран од Црвениот крст. И последната, третата програма е „Водич во болници“, во која се вклучени тимови што ги упатуваат лицата што имаат закажано преглед безбедно да стигнат до ординациите на Клиничкиот центар – вели Сузана Т. Пауновска, секретарка на Црвениот крст на Скопје.

Грижа и ангажираност и од надлежните државни институции

И од Министерството за труд и социјална политика велат дека во насока на обезбедување социјална сигурност на старите лица е донесен нов закон за да се зголеми ефективноста на паричните давања за оваа категорија граѓани и да се намали процентот на сиромаштијата кај старите лица над 65-годишна возраст, лицата што не можат да обезбедат средства за егзистенција по други основи. Оттаму информираат дека од почетокот на спроведувањето на социјалната реформа досега 8.714 лицa се стекнале со правото на користење на социјалниот надоместок предвиден со законската регулатива за социјална сигурност на стари лица. Месечниот надоместок изнесува околу 6.000 денари, средства со кои финансиски се обезбедуваат лицата над 65 години што немаат други извори на егзистенција.

– Со реформата на системот за социјална заштита и со новиот закон за социјална заштита, од мај 2019 година е воведена услугата „Помош и нега во домот“, со која им се обезбедува поддршка на лица со намален функционален капацитет што не можат да се грижат сами за себе, како лицата со најтешка попреченост и старите хронично болни лица, во домашни услови. Тие ќе можат да користат помош во домот до 80 часа месечно, за да останат да живеат во домашни услови, но исто така да им се помогне на семејствата во секојдневната грижа. Новиот концепт е проширување на можноста за давање социјални услуги и промена на начинот на нивното финансирање.

Државата со одлука ја утврди цената од 240 денари за секој час помош што на спомнатите категории граѓани ќе им ги испорачуваат лиценцирани компании и граѓански организации. Секој центар за социјална работа ќе издава решенија за користење на услугата на граѓаните на кои услугата им е потребна и кои ги исполнуваат условите дадени со правилникот за услугата. Тие самостојно ќе одбираат давател на услугата што ќе им го олесни секојдневниот живот – појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Добра соработка со општините

Оттаму додаваат дека дополнително во 2019 година почна со спроведување проект за подобрување на социјалните услуги, преку кој се обезбедени 10,8 милиони евра за пет години, за доделување грантови за општините за развој на социјални услуги во заедницата. Во рамките на проектот, во декември 2019 година, МТСП го објави јавниот повик до сите општините за потенцијални даватели на услуги за аплицирање за финансирање проекти за развој на социјални услуги. Заклучно со последниот рок за доставување на пријавите, 30 април 2020 година, биле доставени вкупно 62 апликации што се пратени од страна на општините и нивните партнери. Најголемиот дел од пријавите е за развој на услугата помош и нега во домот. Евалуацијата на проектите е во завршна фаза, а грантовите ќе бидат доделени по завршувањето на изборниот процес, со што ќе започне и развојот на услугата во општините што покажале интерес за тоа.

– Министерството за труд и социјална политика, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), реализира услуги за поддршка на старите лица во услови на ковид-19. Активностите за асистенција на ранливите категории се реализираат во 27 општини, со вклучување на околу 200 невработени лица како испорачатели на услугите за над 1.500 лица крајни корисници. Поддршката се однесува за олеснување на секојдневното функционирање на старите лица, што вклучува асистенција за реализација на итни административни процедури, набавки и друг тип поддршка во согласност со потребите на лицето. Локалните општински тимови се обучени за справување со овој тип теренски околности и опремени со заштитна опрема, секојдневно работат на терен и обезбедуваат поддршка во секојдневното функционирање -акцентираат од ресорното министерство.


Општина Центар ангажирана на ова поле од средината на март

Општина Центар, во соработка со здружението за поддршка и развој „Хуманост“, формира мобилен тим за поголема колективна безбедност и превенција од коронавирусот. Поради новонастанатата ситуација, а за да не остваруваат непосреден контакт со други лица и да не се изложуваат на дополнителна опасност, сите возрасни лица над 60 години на територијата на општината Центар што се снеможени и имаат влошена здравствена состојба, може да се обратат на телефонскиот број 077 963 672.


Бесплатна помош за старите лица во Кисела Вода

Општина Кисела Вода информира дека една од нејзините партнерски невладини организации, социјалното претпријатие „Нега плус“ за проектот со поддршка од УСАИД за Македонија, во рамките на проектот „Граѓанско учество“ нуди бесплатна помош на стари и снеможени лица на телефонскиот број 070 299 026.