Пред „Бубамара“ во дел од паркот ќе се изградат 50 паркинг-места

И во последниот случај пред детската градинка „Бубамара“ во Ново Лисиче, врз дел од паркот ќе се гради паркинг. Од невладините организации велат дека губењето зелени површини и дрвја се случува во сите општини, а последните анализи на невладината „Плоштад слобода“ потврдуваат дека за 15 години во Мал ринг сме изгубиле 25 отсто од дрвниот фонд

Интензивното градење во општините и воопшто во градот Скопје претворија многу од парковските површини во големи бетонски урбани џунгли. Тоа воопшто не соодветствува на нашите потреби за повеќе зеленило и почист воздух. Вака мислат граѓаните, а со истиот став беа и оние што излегоа на протест пред детската градинка „Бубамара“ во Ново Лисиче, затоа што и овој пат им беше одземен дел од паркот за да се изгради паркиралиште. Од невладините организации велат дека губењето зелени површини и дрвја не се случува само во општината Аеродром, туку во сите општини. Во последните анализи на невладината „Плоштад слобода“ се вели дека во Мал ринг во централното градско подрачје, во 2002 година имало 74.655 квадратни метри со дрвја, додека во 2017 година вкупниот број на дрвја изнесувал 56.158 квадратни метри.

Тоа значи дека во периодот од 2002 до 2017 година се загубени вкупно 25 отсто од дрвниот фонд во овој дел од градот. Сега во Ново Лисиче исто така се уништува дел од парк, само затоа што со изградбата на паркингот надлежните имаат цел да го решат сообраќајниот метеж што се создава во тој дел. Едно решаваат, а друго уништуваат. Жителите од оваа населба не можат да се согласат паркингот да биде изграден за сметка на зеленилото. Покривањето на дел од паркот со бетон, за да се изгради паркинг е, велат, само еден од многуте примери, како полека полека се губат урбаните зелени површини, кои навистина му се повеќе од потребни на градот Скопје. И граѓаните и невладините сметаат дека речиси стана практика парковите и зеленилото во градот да се намалуваат за сметка на реализацијата на голем број градежни проекти.

– Точно е дека на овој простор секое утро и попладне има проблем за паркирање и има голем сообраќаен метеж во делот кај градинката „Бубамара“. Но не може проблемот да се реши со создавање нов, да се изгради паркинг, а да се уништи дел од паркот. Истиот овој парк најпрвин го уништија додека ја градеа градинката, бидејќи преку него поминуваа багерите и другата градежна механизација. Ние тука живееме и гледавме што се случува. Сега за да не го поправа полесно им е дел од него да претворат во паркинг. Не можеме да се согласиме со ова и навистина не сакаме да губиме зелени површини, зашто и онака градот е само бетон. Надлежните мора да научат да нѐ прашуваат и нас граѓаните што сакаме – вели Марија Л. од населбата Ново Лисиче.

Од општината Аеродром, пак, информираа дека со градењето на новиот паркинг во непосредната близина на детската градинка „Бубамара“ се обезбедуваат околу 50 паркинг-места. Оттаму сметаат дека на овој начин би се решил долгогодишниот проблем на жителите од околината, но и на родителите, кои со возила ги оставаат и ги земаат своите деца од градинката. Аеродромци стојат цврсто на ставот дека не сакаат паркинг по цена на дел од паркот. Своето незадоволство и остри реакции ги изразија и на социјалните мрежи.

– Си ги делкате тревниците во најзагадената општина во најзагадениот град во Европа. Добро решение беше гаражата на кат кај полициската, не кратете ја зелената површина – пишува Драган Иванов на социјалните мрежи.

Но од општината Аеродром се со образложение дека и во изминатиот период ги прошириле паркинзите на три локации во непосредната близина на булеварот Видое Смилевски-Бато. Оттаму дури и најавуваат дека ваквата динамика ќе продолжи секаде каде што просторот го дозволува тоа.

– Ние имаме направено анализа со процени до 2017 година. Понови информации нема, но има логика според која можеме да процениме каква е состојбата во однос на последната за која сме имале информации. Дополнително, сега имаме и зелен катастар, а треба да се провери и во јавните институции и претпријатија надлежни за овие прашања и од нив да се бараат овие податоци од Градот Скопје, општината Центар и „Паркови и зеленило“.

Но во однос на анализата „Ни снемува дрвја“, која ја спроведовме во периодот 2012-2014 година, дојдовме до сознанија дека доколку се имплементираат сите донесени планови, количеството зеленило на територијата на Мал ринг ќе биде неповратно загубена, а тоа и се случи тогаш по доаѓањето на новиот градоначалник на општината Центар – сите планирани објекти се изградија и последните поголеми парчиња јавно зеленило се загубија. Конечно, дури и со мораториумот на носење ДУП-ови во Центар, територијата на нашиот град е во сериозен недостиг од зеленило од сите видови – паркови, тревници, дрвореди и други зелени/лиснати површини со различен импакт врз квалитетот на живот во една непријателска урбана средина каква што е нашата – вели Ивана Драгшиќ од организацијата „Плоштад слобода“.

Од градот Скопје велат дека не располагаат со податоци за изгубено зеленило, поради градење нови објекти. Драгшиќ вели дека граѓаните постојано алармираат од различни делови на Скопје за пренамена и уништување на постојни зелени површини во урбанизирано и градежно земјиште. Освен во општината Центар, на сите други локации низ градот се продолжува со наводно развојната логика на пополнување празни и зелени простори со згради и деловни објекти.а