Средношколците во Скопје излегоа на бојкот на наставата поради енормното загадување на воздухот. Наместо да влезат во училниците на настава, тие вчера се собраа во училишните дворови и со маски на лицата и испишани транспаренти во рацете го искажаа својот револт од актуелните состојби со загадениот воздух. „Зошто да учам за иднина што ја немам“, „Кога воздухот ни го зедовте, свеста ни ја кренавте“ беа само дел испишаните транспаренти на учениците од гимназијата „Орце Николов“.

„Доцнев на прв час, се изгубив во смогот“, напишал ученик од средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“. И нивните соученици од гимназиите „Никола Карев“ и „Раде Јовчевски-Корчагин“, наместо на настава се собраа во училишните дворови за да се приклучат на претходно најавениот бојкот поради енормното загадување во Скопје.

Надвор од училниците на бојкот беа излезени и средношколците од стручните училишта, а цели три часа пред средното медицинско училиште беа и медицинарите. Во некои од другите скопски училишта дел од учениците бојкотирале, а дел заминале на настава. Некои ученици тврделе дека добивале закани за неоправдани изостаноци и други казни за да го напуштат бојкотот, а веднаш по него, средношколците најавија дека ќе продолжат на маршот за чист воздух од 17 часот пред Министерството за животна средина.

Организаторите вчера информираа дека обидот да го кренат гласот против загадувањето најпрво преку социјалните мрежи е блокиран преку репортирање профили што служеле за искажување на револтот.­