Почетокот на грејната сезона е од 15 октомври, а тоа значи дека граѓаните би требало да добијат топли радијатори дури за две недели, освен ако не биде исполнет условот температурите да се спуштат под 12 Целзиусови степени. Тоа треба да го покаже средната дневна температура од извршените мерења во текот на еден ден. Ако е така, тоа значи дека тогаш граѓаните ќе се разбудат со топли радијатори. Но, според регулаторите, средната дневна температура вчера била 18 Целзиусови степени, па, според тоа, не биле исполнети условите за почеток на греењето.

Инаку, системот на дистрибутерите на топлинска енергија е подготвен за почеток на грејната сезона. Она што е карактеристично и важно за потрошувачите е дека доколку грејната сезона започне порано, тоа ќе се одрази на нивните трошоци, бидејќи топланите ќе започнат да функционираат со поинаков режим на работа. Изминатава седмица, кога утринските температури се спуштија дури до 5 Целзиусови степени, многумина коментираа дека поради ладните радијатори вклучувале греалки и притоа направиле дополнителен трошок. Некои од нив, особено оние со мали деца, коментираат дека се подготвени да платат и повисоки сметки во услови кога има вакви температури и затоа би сакале грејната сезона да почне и порано ако треба.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат доколку средната дневна температура измерена вчера била под 12 степени, тогаш утрово скопјани ќе имаа топли радијатори во домовите. Оттаму објаснуваат дека во соработка со Управата за хидрометеоролошки работи, тие ги добиваат температурите што им се потребни за четирите мерења во текот на денот. Објаснуваат дека ги добиваат измерените температури во 7 часот наутро, потоа во 14 часот и од двете мерења што се направени по 21 часот. Вкупната сума на температури се дели на четири и на тој начин се добива средната дневна температура според која се одредува дали топланите ќе дистрибуираат утрото топлинска енергија, а таа за вчера била 18 степени, што значи не се исполнети условите за почеток на греењето.

Доколку во наредниов период тие услови се исполнат, тогаш не е исклучена можноста грејната сезона да започне и порано од 15 октомври.