Паметно паркирање и осветлување ќе добие улицата Орце Николов во општината Центар. Како што информираа од Општината, Центар ќе стане првата општина што ќе ги искористува новите технологии за да им понуди на граѓаните подобри решенија за паркирање.
– Се поставува нова атмосферска канализација во должина од еден километар и нов тампон и асфалт со должина од 8.345 метри, вклучувајќи ги и велосипедските патеки од двете страни на улицата. Исто така ќе се обележуваат новите пешачки патеки и ќе се вадат старите бандери, кои ќе бидат заменети со нови канделабри и ЛЕД-светилки – истакна градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Преку новите паметни решенија, паметен паркинг и паметно осветлување, граѓаните преку мобилна апликација ќе добиваат информација за слободните паркинг-места на локацијата каде што се наоѓаат, додека паметното осветлување ќе се зголемува или намалува според движењето на самата улица. Така ќе се намали и годишната потрошувачка на електрична енергија за најмалку 60 отсто.
Овој проект вклучува шест фази на реализација и треба да заврши до крајот на годинава. Во моментот се реализира петтата фаза. Проектот треба да го подобри квалитетот на живеење на граѓаните, да донесе значителна заштеда на финансиски средства, поголема енергетска ефикасност, како и зголемена безбедност на јавните површини.