Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата започна со реализација на кампања под мотото „Стави појас“. Во првата фаза, кампањата опфаќа повеќе едукативни активности преку електронските и социјалните медиуми. Во втората се предвидени повеќе теренски активности, како организација на едукативни предавања за учениците и за студентите, засилени контроли од сообраќајната полиција, едукативни настани на повеќе јавни места и едукативни акции за дистрибуција на сообраќајно-едукативни материјали.

Истражувањата и процените покажуваат дека помалку од 40 отсто од возачите користат сигурносен појас. Тој процент е уште помал кога станува збор за сопатници на предното седиште. Бројот на патници на задното седиште, кои користат појас, е приближно еднаков на нула.

– За споредба само, стапката на користење сигурносен појас на предните седишта во земјите од Европската Унија е околу 90 отсто, а на задните седишта од 60 до 70 отсто и ЕУ го смета ова за „сериозен проблем“. Во помалите градови помалку се користи појас во споредба со Скопје. Исто така, истражувањата покажуваат дека кога возачите и патниците патуваат на пократко растојание, во населено место, помалку користат појас, во споредба со патувањата што се реализираат на подолга дестинација, надвор од населено место. Ваквата состојба мора да се промени – истакнуваат од РСБСП.

Кампањата ќе биде поддржана од повеќе јавни личности и од општествено одговорни компании. Особено е важна поддршката од РК Вардар и од РК Еурофарм Пелистер, и во согласност со тоа во наредниот период ќе бидат реализирани повеќе превентивни едукативни активности и изненадувања за поддржувачите на ракометот, и тоа: освежувач за автомобил со боите на клубот за секој посетител на натпреварите, превентивни акции и билети за возачите што користат појаси, опрема, маици и други реквизити, за оние што во рамките на акцијата ќе биде потврдено дека користат појас кога возат или патуваат. Користењето на појасите е законска обврска, како за возачите така и за патниците на предните и на задните седишта. Истражувањата од релевантните меѓународни организации покажуваат дека 50 отсто од возачите, кои животот го загубиле на патиштата, загинале поради тоа што не користеле појас.