Душко Весковски

Пречистителната станица за третман на отпадни води – Скопје е еден од најголемите капитални проекти кои се преземаат во насока на кон исполнување на европските стандарди, кои се услов за пристапните преговори за Македонија со Европската Унија (ЕУ), како што истакна Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, во интервју за „Фактор“.

– Ова не е само капитален проект, туку и проект кој е од големо значење за општеството во целина, и, што е можеби најважно за заштита на животната средина преку третман на отпадните води, кои прочистени ќе се пуштаат назад во природата. Тој ќе овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите, а ќе делува и на намалување на загадувањето на реката Вардар, подобрување на условите во животната средина, а воедно и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на град Скопје. Со изградбата на пречистителната станица, ние како држава ќе имаме над 90 отсто прочистени води, што е еден од критериумите кои треба да се исполнат при отворање на преговорите со ЕУ. Проектот по завршување на изградбата ќе биде предаден во сопственост на јавното претпријатие и ќе им служи на граѓаните на Скопје уште долги години – кажа Весковски во разговорот за „Фактор“.

Со потпишување на Договорите помеѓу Владата и Европската Инвестициона Банка и Европската Банка за Реконструкција и Развој се затвори финансиската конструкција за проектот за изградба на пречистителна станица на град Скопје со капацитет од еквивалент на 500.000 жители. Во согласност со одредените фази за имплементација на капиталниот проект ПСОВ – Скопје, во вредност од 136 милиони евра, ЈП Вововод и канализација – Скопје работи на негова реализација, што е доказ за заложбите за унапредување на условите за живот за сите граѓани како и инвестирањето во високо квалитетна животна средина.

Како што нагласи Весковски, во иднина ќе уследат уште две фази на развој на пречистителната станица. Во првата фаза која треба да се заврши до 2030 година, се предвидува обезбедување на предтретман и биолошки третман на отпадните води. Во втората фаза, која треба да се реализира најдоцна до 2045 година, предвидено е отстранување на азотот и фосфорот од отпадните води што завршуваат во реката Вардар.