Фото: Игор Бансколиев

Во текот на летниот распуст 2021 година бесплатно ќе летуваат околу 120- 150 деца на возраст од 7 до 14 години од семејства во социјален ризик, кои во учебната 2020/2021 година се редовни ученици во основното образование, односно: корисници на гарантирана минимална парична помош (социјална помош), потоа самохрани родители, односно корисници на детски додаток и родителски додаток, како и деца што се без родители и родителска грижа, како и корисници на посебен додаток, односно деца со посебни потреби, вели Смилевски

ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА БУТЕЛ, ВЕЛИМИР СМИЛЕВСКИ

Зголемени се активностите околу социјалната заштита во Општина Бутел. Летово деца од социјални категории ќе добијат летување на товар на општината. Ќе може ли повеќе детали за тоа?

– Во согласност со програмата за локален економски развој (ЛЕР) на Општина Бутел за 2021, а во насока на спроведување на активностите предвидени со програмата, Одделението за ЛЕР во областа на социјалниот развој ќе започне со реализација на „Проект за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток“ за 2021 година.
Преку овој проект, во текот на летниот распуст 2021 година бесплатно ќе летуваат околу 120-150 деца на возраст од 7 до 14 години од семејства во социјален ризик, кои во учебната 2020/2021 година се редовни ученици во основното образование, односно: корисници на гарантирана минимална парична помош (социјална помош), потоа самохрани родители, односно корисници на детски додаток и родителски додаток, како и деца што се без родители и родителска грижа, како и корисници на посебен додаток, односно деца со посебни потреби. Децата ќе имаат право на превоз и сместување за седум дена (шест полни пансиони со три оброка дневно). Времетраењето на нивниот престој ќе биде дополнето со програмски содржини за едукативни, забавни и рекреативни активности, кои ќе бидат спроведени од страна на стручни лица, односно, едукатори. Децата корисници на посебен додаток и/или деца со инвалидитет ќе имаат право на придружник за време на користењето на оваа услуга. Средствата за реализација на „Проект за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток“ се предвидени во програмата за ЛЕР на Општина Бутел, во вкупен износ од 1.200.000 денари.
Реализацијата на овој проект е во насока на надминување на проблемот на социјална исклученост на децата што се во социјален ризик, односно надминување на нивната неможност ефективно да учествуваат во културниот и социјалниот живот, што директно доведува до нивно отуѓување и дистанцирање од нормалните текови на животот.

Каква помош им дава општината на старите жители како дел од мерките за социјална заштита?

– Имајќи ги предвид податоците дека најголем дел од старите немоќни лица, на подрачјето на општините Бутел и Чучер – Сандево, живеат во сопствени живеалишта, и истите тие тешко ги задоволуваат своите потреби, кои со текот на староста постојано се усложнуваат, ја наметна потребата за преземање конкретни мерки од страна на двете општини со цел надминување и ублажување на предизвиците со кои се соочуваат старите и изнемоштени лица на подрачјето на двете општини. За таа цел, Општина Бутел и Општина Чучер – Сандево во соработка со хуманитарната организација АДРА, Скопје, започнаа со реализацијата на активности насочени кон воспоставување социјална услуга за домашна нега и помош за стари лица во општините Бутел и Чучер – Сандево, во согласност со одобрениот Проект за подобрување на социјалните услуги на
подрачјето на двете општини, финансиски поддржан од Светска банка. Со други зборови, секое старо и изнемоштено лице што ќе добие Решение од подрачните центри за социјална работа, дека истото тоа има потреба од помош и нега во домашни услови, ќе може да се обрати до АДРА, Скопје, која е лиценциран давател на оваа социјална услуга на подрачјето на двете општини, и истото старо лице ќе добие бесплатна услуга на помош и нега во неговиот дом од страна на лиценциран негувател/ка за стари лица.
Реализацијата на овој проект е во завршна фаза, односно истиот тој ќе биде достапен за старите и изнемоштени лица кон крајот на месец јуни.
Имено, ангажирани се и 25 сертифицирани негуватели/ки на стари лица, кои поседуваат одлично практично и теоретско знаење за квалитетно и успешно испорачување на услугата за помош и нега на старите лица во нивните домови. Ова значи дека на подрачјето на двете општини е оспособен стручен кадар на негуватели на стари лица, лиценцирани од Центарот за образование на возрасни, и истите тие навремено и квалитетно ќе одговорат на потребите и барањата на овие стари и изнемоштени лица, кои имаат потреба за помош и нега во сигурноста на нивниот дом.
Секое старо лице ќе може да се информира за оваа социјална услуга за помош и нега и од страна на стручните лица на АДРА, Скопје, вклучени во реализацијата на овој проект на истото тоа ќе му бидат дадени помош и поддршка во целиот тек на постапката за стекнување на правото за користење на оваа бесплатна социјална услуга. За оваа цел се извршија адаптација и приспособување на простор на улицата Ферид Бајрам бр. 17, во населбата Бутел 2, каде што ќе биде сместено седиштето на давателот на услугата за стари лица АДРА, Скопје, и каде што секое заинтересирано лице ќе може да се обрати и да се запознае со начинот, условите и постапката за користење помош и нега во домашни услови.
Проектот предвидува со оваа социјална услуга да бидат опфатени на околу 50 стари и изнемоштени лица на подрачјето на општините Бутел и Чучер – Сандево, кои се со намален функционален капацитет, што резултира со неможност овие стари лица нормално и непречено да ги остваруваат и извршуваат секојдневните активности.
Преку реализација на овој проект ќе се постигне зголемување на опфатот на старите лица што имаат потреба од вонинституционална социјална заштита, зголемување на опфатот на старите лица и воведување квалитетни социјални услуги за помош и нега во нивните домови, како и директен придонес кон намалена преоптовареност на институциите за институционалната заштита на старите лица или деинституционализација.

Што друго се реализира во поглед на социјалната заштита во Општина Бутел?

– Општина Бутел во околностите предизвикани од глобалната пандемија посветено и сериозно пристапи кон поддршка и помош на најранливите граѓани. Сериозните закани од ковид-19 бараа континуиран одговор за да ги пресретнеме потребите на граѓаните вклучени во системот на социјална заштита и да им помогнеме полесно да се справат со сите предизвици. Затоа во изминатиов период поделивме повеќе од 800 пакети со прехранбени производи и средства за хигиена, сѐ со цел за полесно справување на граѓаните со последиците од оваа кризна состојба.
Изразувам огромна благодарност до општествено одговорните компании од Општина Бутел за поддршката што ја добиваме од нив да помогнеме и да допреме до секој граѓанин на кој му беше потребна помош. Во екот на пандемијата беа формирани и мобилни екипи, кои служеа за сервис на лицата што не беа во можност сами да се снабдат со лекови и прехранбени артикли.

[email protected]