Додека кај нас обележувањето на пешачките премини и надолжни линии постојано е проблем, во соседна Србија веќе се наоѓаат нови и иновативни решенија за подобра видливост. Тим составен од шест млади истражувачи го создаде концептот „ЗеБрајт“.

„ЗеБрајт“ претставува паметен пешачки премин, со светлосен сигнал што ги предупредува возачите дека пешакот ја преминува улицата и ја зголемува видливоста во текот на ноќта. Целта на паметниот пешачки премин е да ја зголеми безбедноста на пешаците кога поминуваат на недоволно осветлени улици. Функционира на тој начин што го детектира пешакот, го активира осветлувањето и со тоа го известува возачот дека има пешак на пешачкиот премин. Иновацијата го решава проблемот со жртви, особено на улици со слаба видливост. Идејата е да се намали бројот на настрадани луѓе во несреќи што настанале токму поради необележани зебри.

Концептот „ЗеБрајт“се користи и во Велика Британија. Од ЈП „Улици и патишта“ велат дека се отворени за нови и иновативни решенија кога станува збор за бележење на хоризонталната сигнализација. Заедно со градот Скопје работат на план и стратегија за нови решенија, за кои се потребни друг тип машини, како и друг материјал. Се надеваат дека во иднина ќе имплементираат решенија по примерот на други земји.