Новиот закон за енергетика се имплементира Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството спроведува три мерки за енергетска ефикасност и го поттикнува користењето на обновливите извори на енергија, како градење соларни колектори, замена на дрвените прозорци со ПВЦ и набавка на печки на пелети од страна на домаќинствата

Според сите истражувања во светот, секторот енергетика создава најмногу стакленички гасови во воздухот, пред сѐ поради употребата на фосилни горива. Дури 80 отсто од потребите за електрична енергија се задоволуваат главно со употреба на јаглен, додека количеството струја произведено од обновливи извори на енергија изнесува само 11 отсто од вкупното производство на енергија.

– Доколку продолжи ваквиот тренд, до 2050 година во Македонија потрошувачката на јаглен ќе се зголемува со 128 проценти, а емисијата на јаглерод диоксид од производството на струја ќе се зголеми за речиси 30 проценти – рече вчера Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии на панел-дискусијата, на темата „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност за подобра животна средина“.

Панелот беше во организација на Институтот за комуникациски студии организиран како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. Кампањата се реализира во рамките на проектот „Поддршка за добро владеење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите“, финансиран од британската амбасада во Скопје.

Дали е можно да се направи бизнис и да се зачува животната средина и дали со ублажување на климатските промени ќе се постигне поголема енергетска ефикасност. На овие две теми се бараа одговори.

Андонов додаде дека ако не се намали доминантното користење на фосилните горива за производство на струја, според климатските сценарија за Македонија, во наредните педесетина години нѐ очекуваат потопли лета, помалку врнежи и екстремни временски појави. Тоа ќе предизвика проблеми во секторите: земјоделство, водни ресурси, здравствен систем, но и туризам. Пример е случајот за земјотресот во Охрид што создаде страв кај туристите и случајот со поплава во Стајковци во кој загинаа 22 лица, напомена модераторот Горан Теменугов на дискусијата.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на дискусијата кажа дека министерството спроведува три мерки за енергетска ефикасност и го поттикнува користењето на обновливите извори на енергија, како градење соларни колектори, замена на дрвените прозорци со ПВЦ и набавка на печки на пелети од страна на домаќинствата. Тој информира дека во текот на оваа недела ќе биде објавен огласот за печки на пелети, додавајќи дека интересот кај граѓаните е голем.

Бектеши кажа дека новиот закон за енергетика е усвоен и дека веќе е започнато со негова имплементација, во многу тесна соработка со меѓународните институции и партнери како УСАИД и ЕБРД, и оти во тек е спроведување на првиот јавен повик за инвеститорите.

– Ова ќе влијае позитивно за животната средина, но и за граѓаните и домаќинствата затоа што нема дополнително да плаќаат што се однесува на произведената електрична енергија од обновливи извори. Секој граѓанин знае кога ќе ја добие фактурата дека има графа каде што дополнително се плаќа за секој присвоен мегават од обновливи извори, а ние со новиот модел овозможивме државата да не дава, а да добие – вели Бектеши.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на панел-дискусијата рече дека е многу важно земјава да влезе во процес на терцијална гасификација, односно гасот да биде достапен за широка потрошувачка, односно до домаќинствата.
– Природниот гас може да се користи совршено за сите енергетски потреби, наведувајќи дека основните карактеристики на овој реагенс е тоа што најмалку 20 проценти е помала емисијата на штетните гасови и речиси воопшто не ослободува сулфур како нуспродукт. Претставува сериозно енергетско ефикасно решение, ние каскаме во однос на светот. Има околу 60 проценти помала штетност отколку јагленот – вели Шилегов.

Тој додаде дека примената на гас за домаќинствата значи поекономично греење, и мисли дека е атрактивно затоа што се намалуваат трошоците за затоплување на домовите и може да дојде до подобрување на економската состојба на граѓаните во краток рок, а за индустриските капацитети значи намалување на трошоците и можност за инвестирање во нови технологии. Од граѓанските организации, пак, сметаат дека сепак и новиот закон за енергетика е пререстриктивен за граѓаните што сакаат да користат енергетско-ефикасни материјали.

– Зелената економија не е само обновливи извори на економија туку многу голема важност имаат и граѓаните. Покрај сите оние мерки за енергетска ефикасност што ги знаеме и ги читаме, како исклучувај светло е во ред. Но потребен е чекор напред. Граѓаните треба да имаат можност да користат, но и да произведуваат електрична ене­р­­гија. Новиот закон дозволува да произведува електрична енергија, но е лимитирано на четири киловати. Тоа значи дека треба да се доуреди законот и потребно е ослободување на тие четири киловати. Но сѐ уште не е дозволено произведување повеќе од тоа, за да се приклучиме на мрежата и да имаме и приходи од нашето производство на електрична енергија – вели Антонио Јовановски од НВО „Гоу грин“.
Професор д-р Димитар Димиров од Факултет за електротехника и информациски технологии објасни дека другиот сектор е можноста домаќинствата да користат фотоволтаични системи.

– Да, има дадено таква можност со ограничување од четири киловати, но би додал дека има дополнително ограничување, кое за мене во моментов е нанадминливо. Правилникот е заснован на тоа да можете да се приклучите како домаќинство во системот и да давате и да користите енергија, меѓутоа, морате да се приклучите на приватен снабдувач. Домаќинствата во моментов немаат снабдувач што нуди енергија, единствениот снабдувач е универзалниот снабдувач што има субвенционирани цени.

Затоа што ЕСМ како електрани имаат обврска голем дел од енергијата да ја испорачуваат по цена што ќе ја каже Регулаторната комисија. Регулаторната ја дава цената според платите и така натаму, и сето тоа доведува до многу ниска цена, многу пониска цена од онаа на берза. Затоа, како тие снабдувачи да понудат нешто што ќе биде издржливо економски за нив? Поради тоа универзалниот снабдувач нема обврска да ги прими, а нема приватен снабдувач. Тоа значи дека има можност ама нема можност, тоа е заклучокот – вели професор д-р Димиров.