Фото:

Последните податоци за загадувањето во нашата држава покажаа дека загадувачките честички во воздухот се на високо ниво. Според податоците од Министерството за животна средина, од индексот за квалитетот на воздухот, вчера, во 9 часот, можеше да се види дека Тетово беше најзагаден град, а ПМ 2,5 честичките беа присутни во воздухот со 128 микрограми на кубен метар, а малку пониско со 126 микрограми беа застапени ПМ 10 честичките. Загаден воздух дишеа и битолчани, а мерната станица Битола 2 регистрира ПМ 2,5 честички присутни со 123 микрограми, додека ПМ 10 честички имаше 124 микрограми на кубен метар. Загаден беше и воздухот во Скопје, па, така, во Центар во истиот утрински термин ПМ 2,5 честичките беа застапени со 107, додека ПМ 10 честичките со 114 микрограми на кубен метар. Нешто пониски беа вредностите во Центар, односно ПМ 2,5 честичките беа присутни со 86 микрограми на кубен метар, а ПМ 10 честичките со 106 микрограми. Позагадено беше кај Ректорат со 113 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички. Мобилната станица во Бутел измери ПМ 2,5 честички во воздухот присутни со 82 микрограми. Струмица вчера не беше меѓу загадените градови во Македонија. Во дефицит на ефикасни решенија за хроничното загадување дома, се консултиравме со странски експерти, со искуство за справување со истиот проблем. Имено, како гледаат тие на загадувањето? Како другите земји се справуваат со загадувањето? Експертите најпрвин го издвојуваат фактот дека загадувањето на воздухот претставува глобален проблем, а предизвикува 6,5 милиони предвремени смртни случаи во светот годишно. Тоа значи дека загадувањето убива повеќе од ХИВ и од маларија заедно.

Нашиот соговорник Срѓан Кукољ, советник за здравство и енергија за регионот на Балканот од невладината ХЕАЛ од Брисел, Белгија има многу интересно дијагностичко гледиште.

– Вистинската цена на енергијата на фосилни горива останува скриена од вештачко ниските цени и не се земаат предвид еколошките и здравствените трошоци што ги предизвикуваат овие горива. Сите ние плаќаме двапати за фосилните горива – еднаш кога се користат јавните средства за субвенционирање на овој вид енергијата од фосилни горива и вторпат кога општеството се занимава со здравствените трошоци поврзани од согорување на фосилни горива – велат од ХЕАЛ.

Според разни светски анализи, во градовите и во урбаните области, сообраќајот на патиштата е главен фактор за загадувањето на воздухот. Издувните гасови од сообраќајот претставуваат број еден опасност за здравјето во Европа и во светот.

Студијата од „Енвајорментал хелт аналитикс ЛЛЦ“, проценува дека на глобално ниво, само прекумерните дизел-емисии доведуваат од 28.000 до 38.000 предвремени смртни случаи годишно. Во Норвешка и за Швајцарија се проценува дека загадувањето од дизел-возилата причинува смрт на 10.000 лица, од кои 50 отсто може да се избегнат доколку се почитуваат границите на загадување. Тамошните влади трошат огромни суми од јавните средства, но и покрај речиси десетгодишната посветеност да му се стави крај на тој проблем, извештајот на ХЕАЛ открива дека во просек здравствените трошоци поврзани со фосилните горива се над шест пати поголеми од другите владини субвенции.

– Трошоците за здравјето од загадувањето на воздухот, климатските промени и деградацијата на животната средина ги носи и плаќа општеството. Во креирањето на иднината за здрава енергија, треба да се стремиме истовремено да се фокусираме на зголемување на енергетската ефикасност со посебен акцент за намалување на енергетската сиромаштија, пристапот до чиста енергија и намалување на нееднаквостите во животната средина – вели Срѓан Кукољ.

Тој истакнува дека адхок-мерките не даваат резултати, туку оние што се системски, во пакет, не на микрониво, ниту локални туку на повисоко ниво, дури и регионални зафати, трансгранични и системски проекти.

– Проблемот со загадувањето на воздухот предизвикан од сообраќајот треба да се реши со одлуки за управување со сообраќајот и системите, промовирање поздраво живеење, вклучувајќи повеќе велосипедизам и пешачење, користење јавен превоз и намалување на дизел-автомобилите – вели Срѓан Кукољ.


Белгиски експерт идентификува балкански мегазагадувачи

Според процените на ХЕАЛ, Балканот има многу подлабок и поширок проблем. Имено, тој го вперува прстот во постоењето и проблематичното функционирање, од еколошки аспект, на термоцентралите на јаглен. Тие испуштаат илјадници тони опасни загадувачи во воздухот секоја година што значително придонесуваат за загадувањето на воздухот во регионот, но и пошироко. Главниот дел од загадувањето на воздухот се пренесува и се шири на подолги растојанија и на тој начин влијае на многу поголем дел од населението. Пресметките на ХЕАЛ покажуваат дека загадувањето на воздухот од централите на јаглен во ЕУ создава вкупна здравствена сметка од 32,4 до 62,3 милијарди евра. Затоа е потребно да се забрза фазата за префрлање од овие централи на поеколошки варијанти за создавање енергија. Тоа би се овозможило со затворање на сите стари погони за јаглен, а не со изградба на нови. Покрај тоа, постојните електроцентрали за јаглен треба да работат со најдобрата достапна опрема за контрола на загадувањето, за да се спречи појава на предвремени смртни случаи. Како главни мерки ги издвојуваат зголемувањето на енергетската ефикасност и пристапот до чистата енергија.


Честичките ПМ 10 и ПМ 2,5 предизвикуваат генетски мутации

– Честичките ПМ 10 и ПМ 2,5 се меѓу најопасните загадувачи, кои во голема мера влијаат врз здравјето на луѓето поради нивната способност да навлезат длабоко во белите дробови и крвта, предизвикувајќи трајни ДНК-мутации, срцеви напади, болести на дишните патишта и прерана смрт – вели Срѓан Кукољ, советник за здравство и енергија за регионот на Балканот од невладината ХЕАЛ од Брисел, Белгија.
Кукољ вели дека овие загадувачи се формираат кога согоруваат одредени материи како горивото во нашите автомобили, горењето на дрвото во камините или горењето на јаглен во електроцентралите. Затоа, според светските здравствени организации, проблем број еден претставува согорувањето на фосилните горива. Тие го прават воздухот загаден, а нивната употреба дека треба да се намали или да се отстрани.

Фото: Маја Јаневска-Илиева