Во салата на Советот на Општина Центар завчера се одржа продолжението на 59-та седница. На дневниот ред за работа беше единствена точка, донесувањето на деталниот урбанистички план за градската четврт Ц 04 – Дом на градежници.
Се работи за градска четврт што во голем дел е реализирана и голем дел од објектите се задржуваат во постојна состојба.
Во споредба со стариот ДУП, кој предвидува 4.043 квадратни метри парковско зеленило, новиот план има вкупно 5.889 квадратни метри парковско зеленило, со што речиси 13 отсто од површината на четвртта е под парковско зеленило.
Наместо да се проширува, евидентиран е постојниот паркинг и задржан е во сегашната состојба, а зголемен е процентот на зеленило и дрвореди.
Наместо како што предвидува стариот план изградба на паркинг на веќе постојно детско игралиште, детското игралиште со површина од 408 квадратни метри во новиот план е зачувано, како и постојниот паркинг околу него, наместо изведба на паркинг на целата површина. Во согласност со новиот план, сите нови објекти мора да го обезбедат неопходниот број паркинг-места во својата парцела.

Избришан е еден објект за колективно домување, кој, според стариот план, би се градел на државно земјиште, а во новиот план е заменет со локален парк од 262 квадратни метри и пешачка патека.
Стариот план предвидува заеднички подземен паркинг за дел од парцелите, наедно е предвидена пристапна улица на местото на пешачката патека „Кај Маршалот“. Со новиот план секој објект треба засебно да предвиди паркирање. За објектите од внатрешноста на блокот се предвидува пристап преку пасажи од улицата Максим Горки, со што се задржува пешачката патека „Кај Маршалот“ и истата таа нема да стане улица за автомобили.
И во овој детален урбанистички план јасно се видливи заложбите на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, општинското раководство и на Советот за зазеленување на општината, нормализирање на живеењето на жителите и обезбедување хумани и пристојни услови за живот и престој во општината.