Паркирањето во Скопје е предизвик, се разбира, доколку сакате да ги заобиколите правилата и прописите. Воспоставувањето ред и поредок во сообраќајот во главниот град навистина се разликува од нашите возачки традиции. Но ако не е доволна превентивата на надлежните, тогаш голема е веројатноста репресивноста да даде плод. Имено, се зголемува бројот на изречени глоби, а пајак-службата на Општина Центар во изминатите шест месеци има санкционирано 2.194 непрописно паркирани возила

Што ќе преовлада при решавањето на паркинг-предизвиците во главниот град

И покрај тоа што поради пандемијата на ковид-19 значително е намалена фреквенцијата на возила во градот, многу возачи не се откажуваат од навиката да се паркираат каде ќе стигнат. Навиката и менталитетот си го прават своето. Иако во нивна близина има официјален паркинг со слободни места, многумина возачи се паркираат на тротоари и недозволени јавни површини, со што го попречуваат нормалното одвивање на пешачкиот и автомобилскиот сообраќај.

Загрозени пешаци и велосипедисти

Телефонски повици на велосипедисти и пешаци што се жалат, секојдневно има во редакцијата. Тие велат дека заобиколуваат паркирани возила на велосипедските патеки, а пешаци од паркирани возила не можат да поминат по тротоарите. Поради тоа се принудени, наместо по тротоар, да пешачат по коловозите, каде што од многуте автомобили го изложуваат својот живот на опасност. Тие се чувствуваат загрозено, и тоа не од надлежните, за кои велат дека „навистина не можат да постигнат да ги превоспитуваат неодговорните возачи“, туку сакаат „на ѕидот на срамот, преку медиумите да ги објават фотографиите и регистарските таблички на несовесните, па дури и безобразни и дрски возачи“ што ги кршат правилата на сообраќајот и им ги загрозуваат животите.

Редот мора да се усвои и граѓаните да ги научат и почитуваат прописите

Познато е дека градот во последните години реализира повеќе зафати за отворање велосипедски патеки, како и поставување заштитни столпчиња на тротоарите за тие да бидат слободни за пешаците. Тоа подобрување е видливо особено во центарот на градот. Но, сепак, забележливо е дека сѐ уште има значителен број неодговорни возачи што паркираат на места што не се дозволени или по зелени површини.
Претпријатијата одговорни за паркирањето тврдат дека казните се незаобиколна и многу ефикасна репресивна мерка што помага да се реши хаосот со паркирањето, ама потребна е и едукација. Превентивноста е побезболна, но треба долго да се практикува за да биде ефикасна. Јавните претпријатија „Градски паркинг“ и „Паркинзи на Општина Центар“, во соработка со сообраќајната полиција, често организираат акции и казнуваат, бидејќи непрописното паркирање е секојдневна слика како во централното градско подрачје така и во населбите.

Ѕид на срамот на социјалните мрежи

На социјалните мрежи, на страницата „Ѕид на сообраќаен срам“, постојано се поставуваат фотографии за непрописно, дури и многу неодговорно паркирање на одредени локации, по паркови, тревници пред згради… И тоа не само во строгиот центар на градот. Несовесни возачи има сѐ повеќе и во околните општини. На „Ѕид на Општина Гази Баба“, Ефка Митрова постави фотографии на паркирани возила по должината на целиот тротоар на Лазар Поп-Трајков, главната сообраќајница што води кон населбата Железара. За истиов проблем во Автокоманда под објавените фотографии пишува и Гордана Фотевска. Тоа е само еден пример што им задава главоболки на „градските и општинските татковци“.

Морковот или стапот е поефикасен?

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ постојано апелираат до граѓаните да ги чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта и таму да се задржуваат според договорената услуга.
– Апелираме сите корисници на услугите за паркирање навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Казнувањето на лицата што ги прекршуваат правилата за паркирање и го узурпираат јавниот простор е спроведување на пропишаните мерки и законските одредби на терен. Со пајак, блокатор и со друг вид мерки санкционираат и од јавното претпријатие на Општина Центар, како и од МВР – велат од Град Скопје.
Од ПОЦ се жалат дека сообраќајната свест и култура меѓу возачите во Скопје се на доста ниско ниво и дека поради тие причини еден од поголемите проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Општина Центар и Градот Скопје е сообраќајниот метеж и непрописното паркирање.

– Имајќи го предвид овој проблем, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, во соработка со СВР – Скопје, во изминатите неколку години секојдневно предупредува, но и ги санкционира сите непрописно паркирани возила што го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот. Исто така, преку едукативни проекти и кампањи постојано укажува на важноста и потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, кои на долг рок ќе придонесат да се изгради свесност за одговорно учество во сообраќајот од страна на сите негови учесници. Пајак-службата на ЈП „Паркинзи на Општина Цента“р во изминатите шест месеци има санкционирано 2.194 непрописно паркирани возила. За разлика од минатите години, оваа година бројот на глоби за непрописно паркирани возила е драстично намален поради кризата со ковид-19. Највисоката глоба изнесува 6.000 денари, а таа се однесува за непрописно паркирани на места означени за лица со посебни потреби – појаснуваат од ПОЦ.

За жал, санкционирањето дава поголема ефикасност

– Санкционирањето за непрописно паркирани возила многу помага воза решавање на сообраќајниот метеж. Највидлив е ефектот во секторот Дебар Маало, каде што од претпријатието успеаја да го доведат во ред сообраќајниот метеж на најфреквентната населба во градот, каде што се лоцирани голем број кафеани и кафулиња – тврдат од ПОЦ.


Аларм: Трицифрени бројки на казнети за една седмица

Изминатата седмица од страна на вработените на ЈП ПОЦ, во соработка со сообраќајната полиција, се санкционирани 147 непрописно паркирани возила на територијата на општината Центар, кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

– Во периодот од 6.7. до 12.7.2020 година, со возила пајак на ЈП ПОЦ се отстранети 54 возила, а со поставување механичко средство блокатор 93 возила што биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во кој биле паркирани. ЈП ПОЦ и Општина Центар секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на општината Центар – се вели во соопштението од понеделникот. С.Р.