Некој си го заборавил ѓубрето, а некој старите чевли - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Само пред три месеци градот блескаше со сета своја убавина и чистота, кога се исчисти по повод посетата на папата Франциск што се случи на 7 мај годинава. И сега за кратко време пак е преплавен со ѓубре во парковите, пред зградите, пред автобуските станици, пред контејнерите…

Преполни паркови со ѓубре пред станбени згради, купишта догорчиња на автобуски станици, а кошничките за ситен отпад се наполнети со преполнетите најлонски ќесиња од нечие домашно ѓубре. Пластични шишиња, најлонски ќесиња, разна хартиена амбалажа е расфрлана насекаде на многу површини низ градските населби, па и во централното градско подрачје. Речиси станува жалосно колку ни е валкан градот. На некои места е неподнослива и реата од контејнерите и ѓубрето што се исфрла околу нив, слики што јасно покажуваат градска комунална негрижа и граѓанска некултура за фрлање на отпадот. Таа некултура, таа простотија, ќе ги видите кога некој што живее во станбена зграда, пред ваши очи, си дозволува домашното ѓубре да го фрла од својот балкон на третиот или десеттиот кат сеедно.

Ѓубре фрла кој каде ќе се стигне – Фото: Маја Јаневска-Илиева

И околу контејнерите има секаков отпад, секакво ѓубре, од клозетски шолји и искршени плочки од нечија реновирана бања, до стар, мебел, корупки од лубеници и истурени расипани манџи. Околу нив улични мачки и кучиња, на овие високи тропски температури, вистинска закана за ширење разни бактерии и зарази. За некои грди слики во градов не можеме да ги обвиниме само комуналците. Виновни се сите оние што си дозволуваат да извалкаат наоколу не водејќи грижа ниту за хигиената, ниту пак за животната околина. Овие несовесни граѓани мора да разберат дека градот е наш и грижата за него е наша заедничка. Само пред три месеци Скопје блескаше со сета своја убавина и чистота, кога градот се исчисти по повод посетата на папата Франциск што се случи на 7 мај годинава. Се чистеше по целата траса по која се движеше папата, од скопскиот аеродром до вилата на Водно и од улица Македонија и Градскиот плоштад до Католичката црква. Тој дел на Скопје беше без ѓубре, со уредени жардиниери, свежо обоени булеварски огради. И сега само три месеци потоа, овие слики исчезнаа и градот е преполн со ѓубре. Кога би можел и тој самиот би кажал дека навистина му е доста од нечистотии, од неводење грижа на комуналните служби и од неодговорноста на самите граѓани.

Сè се остава околу контејнерите, кои не се наменети за шут
Наместо со цвеќе парковите се полни со ѓубре