Ако имало јавни тоалети во минатото, зошто да нема сега Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градот Скопје сѐ уште нема функционални јавни тоалети, а и тие што ги има исто како да ги нема, бидејќи се неупотребливи. Градоначалникот Петре Шилегов во изборната програма ветуваше нивна изградба, но од тоа ветување нема ништо

Има или нема јавни тоалети, кој е одговорен за нивното одржување или евентуално градење и поставување нови, нема одговор. Градските и општинските власти ја префрлаат топката на одговорност еден на друг, а тоа пак е причината за негрижата за овој проблем на граѓаните, туристите и сите добронамерни патници низ градов. Еден европски град, каков што се смета Скопје, не смее да си го дозволи ова, бидејќи јавни тоалети има во сите поголеми градови. И не само што има туку се и места на кои се исполнуваат високи хигиенски услови.
За овој проблем „Нова Македонија“ пишуваше и минатата година, но оттогаш досега ништо не се смени. Во текст што е објавен на 11 мај лани, градот Скопје ни одговори дека јавните тоалети не се под негова ингеренција. Тие се повикаа на Законот за комунални дејности, според кој надлежни за одржување на јавните тоалети се општините.

– Во согласност со Законот за градот Скопје, со кој се прави разграничување во ингеренциите меѓу градот и општините, во градот јавните тоалети се во ингеренции на општините – велат и сега од градот Скопје. Откако контактиравме со некои од општините добивме одговор дека ни тие не се одговорни.

– Општината Карпош нема во план да гради јавни тоалети. Наместо тоа, имаме јавни мобилни тоалети, кои ги набавуваме на тендер. За оваа година обезбедивме 18 мобилни тоалети, кои се распоредени во повеќе урбани и месни заедници, и тоа во Кузман Јосифовски-Питу, Владо Тасевски, Тафталиџе 1 и 2, Карпош 1, 2, 3 и 4 и во Злокуќани. Нив, главно, ги поставуваме на пофреквентни места, каде што се движат граѓаните, каде што има такси-станици и каде што се одржуваат спортски или културни манифестации, а ги користат и работници што се грижат за јавната хигиена, велат од општината Карпош.

И по една година, ставовите на градските и општинските власти за тоа чија е одговорноста за јавните тоалети останаа непроменети, како и негрижата за решавањето на проблемот. Тоа значи дека градот Скопје повторно е оставен без функционални тоалети, а и граѓаните се оставени сами да се снаоѓаат.

– Отвораме нови јавни тоалети на најфреквентните сврталишта во градот. Квалитетно изработени, за сечии потреби, обезбедени и редовно одржувани. Се искористуваат локациите на старите тоалети за нивна целосна реизградба и за изградба на нови – е наведено во изборната програма на тогаш кандидатот за градоначалник Петре Шилегов во 2017-та.

Потребата од нив беше истражувана во 2016 година од студенти на ФИНКИ. Според нивното онлајн-истражување, јавноста мислеше дека има недостиг и дека граѓаните не се задоволни од постојните. Граѓаните се принудени да бараат алтернативи, како на пример ресторани, барови, кафулиња и други приватни угостителски установи. Уште полоша е ситуацијата за туристите што доаѓаат да го посетат градот, а не знаат дека градот нема јавни тоалети.

– Јас патувам низ светот и повторно се наоѓам во Скопје. Ми се допаѓа како место затоа што е мирен град, има места за шетање и разгледување. Но има еден проблем, нема јавни тоалети. При мојата сегашна и претходна посета не видов ниту еден јавен тоалет во градското подрачје, ниту во централното подрачје. Кога ќе размислам, освен тоалетот каде што бев сместена, јас друг тоалет не видов, а јас сум човек што сака да пешачи. Каде и да одам по главните градови, вообичаено имаат практика да има на одредено растојание. Тоа веројатно е така за луѓето како нас да имаат кај да одат да извршат физиолошки потреби – вели туристката од Полска, Аниа Ошчјега.

Според еколошките здруженија, јавните тоалети се многу важен аспект кога е во прашање хигиената на еден град. Во поразвиените земји јавни тоалети има на секои 500 метри, оддалеченоста на јавните тоалети во суштина зависи од фреквенцијата на луѓе во градот. Ако во светот постоењето на јавните тоалети е многу нормално, кај нас и тие што ги има вообичаено се затворени. Кога се отворени често се неисчистени, а поради нехигиенските услови неупотребливи. А на граѓаните, туристите и намерниците им се потребни чисти тоалети, кои работат нонстоп, и надлежните треба да го знаат тоа.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]