Големата количина опасни и експлозивни материјали лоцирани меѓу населените места Ново Село и Волково, Скопско, што неколку години претставуваше едно од најголемите загадувачки жаришта и опасност за животната средина, безбедноста и за здравјето на граѓаните, е отстранета од територијата на нашата држава, соопштија од Владата.

Од таму велат дека за отстранување на неколкуте тони застарено ракетно гориво за градобијни рекети и друг експлозивен материјал, имот на поранешната компанија АД „Теас-Темко“, кои со години лежеле во стоваришен простор во населено место, првично биле побарани 850.000 евра, но на крајот целата постапка била спроведена без никаков трошок.

„Наместо трошок за граѓаните на нашата земја, Владата на Република Северна Македонија организираше постапка за продажба и чистење на теренот, согласно процедурите за управување и транспортирање на опасни материи, без ниту денар надомест за компанијата што ја спроведе постапката“, се наведува во соопштението.

Постапката за повик и избор на понуда за оваа акција ја спроведе Генералниот секретаријат, при што ја прифати понудата на компанијата „Трајал“ од Србија.