Во рамките на европскиот проект Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (РОК) планирани се многубројни активности. Во нив ќе бидат инволвирани сите учесници што се дел од овој меѓународен проект. Главен настан ќе биде второто Генерално собрание за проектот РОК, кој ќе се фокусира на историските центри во градовите што ќе ги користат како „теренски лаборатории“ на културното наследство.

Овој проект ќе реализира успешните иницијативи за регенерација на културното наследство, а изборот ќе биде од 7 града: Атина, Клуж-Напока, Ајндховен, Ливерпул, Лион, Торино и Вилнус. Добрите практики од овие градови ќе се реплицираат и ќе бидат тестирани во Болоња, Лисабон и во Скопје.
Градот Скопје ќе учествува како град-репликатор и ќе преземе и ќе имплементира дел од успешните практики од избраните градови. Во рамките на овој проект градот Скопје своите активности ќе ги фокусира на своето старо градско јадро. Како локации на кои ќе се реализираат настаните се избрани тврдината Кале, Старата скопска чаршија и старото Еврејско Маало.

Проектот РОК има цел да покаже како тоа може да биде уникатен и моќен двигател на возобновување, одржлив развој и економски раст за целиот град. А тоа ќе се овозможи преку имплементирање на голем број креативни методи и алатки од информатичката и комуникациската технологија со трансформација на старото градско јадро во центар на културата, знаењето и технолошкиот развој. Проектот е финансиран од европската програма за истражување и иновации „Хоризонт 2020“. Х.Ј.