Со цветно дефиле на децата од предучилишна возраст и учениците од основните училишта во Скопје почна шестиот Фестивал на цвеќето, кој се одржа во вториот дел од Градскиот парк. Дефилето тргна од паркингот пред бараките на градот Скопје и се движеше по патеките во паркот. Фестивалот беше одлична можност за љубителите на цвеќето изминативе два дена да си купат цвеќиња и цветни аранжмани, да добијат корисни совети, да се забавуваат и да се дружат на отворено.

– Чест ми е и задоволство да ве поздравам на овој шести по ред Фестивал на цвеќето, кој се одржува под мотото „Скопје цвета“. Имаме ретка можност да присуствуваме на експонатите и изложувањата на повеќе од 30 цвеќарници и фирми што се занимаваат со хортикултура и цвеќе. Наша крајна цел е преку зеленилото да внесеме естетика и во изгледот на градот, меѓутоа и во изгледот на вашите домови. Новина ни е годинава што првпат ќе можете да добиете корисни совети за своите домашни миленичиња, како и да вдомите милениче – рече градоначалникот Шилегов на отворањето на фестивалот.

Притоа тој додаде дека зазеленувањето останува на врвот на приоритетите на градот Скопје и дека влогот во здрава животна средина е трајна придобивка, која најдиректно влијае врз здравјето на сите сегашни и идни генерации. На дечињата што учествуваа во цветното дефиле им посочи дека уште сега треба да градат здрави животни навики, бидејќи сите заедно треба да се грижиме за животната средина и од сите нас зависи колку овој град ќе биде убав и чист.

Оние што го посетија ова случување можеа да се информираат повеќе за одгледувањето цвеќе, а најмладите добија можност да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќињата и за заштитата на животната средина. Посетителите на фестивалот уживаа во настапите на повеќе музички и танцови изведувачи, имаа можност да вежбаат јога и зумба на отворено и да учествуваат во најразновидни цветни перформанси и декорации. Фестивалот на цвеќето се одржа под покровителство на градот Скопје, а во организација на ЈП „Паркови и зеленило“.