Фото: Маја Јаневска-Илиева

Значајно е да се нагласи дека целосно е реконструиран источниот влез во градот. Но најважно од сѐ, сите градежни активности се завршија во рекордно кратки рокови, од десет до 30 дена, информираат од Градот

Годинешнава градежна офанзива во Скопје привршува, в година уште посилно

Со петнаесетте реконструирани сообраќајници низ сите скопски општини и со поставувањето нов асфалт на улиците во должина од 40 километри заврши градежната офанзива на градските власти. Иако во процес на изградба се уште три нови сообраќајници, сепак, официјално, изградбата и реконструкцијата на улиците во Скопје за оваа година е завршена.
Многу улици низ градот добија сосема нов лик, со нов коловоз, велосипедски и пешачки патеки.
Иако беше стресно за граѓаните, а особено за возачите, сепак целата иницијатива на градските власти се исплатеше. Петнаесет улици сега се проодни и условите за возење по нив не може да се споредат со она што беа тие пред да се реконструираат.
Како што информираат градските власти, паралелно се пробиваат нови мостови, улици и булевари, во вкупна должина од 2,5 километри, со изведба на нови велосипедски патеки на пет улици, како и нови тротоари со дрвореди и жардиниери уште на пет улици.
– Значајно е да се нагласи дека целосно е реконструиран источниот влез во градот. Но најважно од сѐ, сите градежни активности се завршија во рекордно кратки рокови, од десет до 30 дена – информираат од Градот.

Пандемијата на коронавирусот не ги прекина градежните активности на градските власти. Иако се работеше во услови на епидемија со голем број заболени, сепак изградбата и реконструкцијата на сообраќајниците во ниту еден миг не запреа.
Беа реконструирани повеќе градски сообраќајници што се од витално значење за секојдневното функционирање на населението. Се градеа и се реконструираа улиците Македонско-косовска бригада, Есенинова, Востаничка, Џон Кенеди, Лазар Личеновски, Боца Иванова и Благоја Стефковски и булеварите Александар Македонски и Видое Смилевски-Бато. Се работи на булеварот Босна и Херцеговина, а целосно е реконструиран и булеварот АСНОМ. Булеварот Христијан Тодоровски-Карпош беше поврзан со скопската обиколница, па ова сообраќајно решение навистина им беше од витално значење на жителите од левата страна на Вардар.
Со реконструкцијата на едни од најважните булевари во Скопје се зголеми проодноста на градот, се создаде урбанизација, која претходно, поради проекциите и потребите од пред повеќе децении, недостигаше.
Граѓаните ги пофалија активностите на градските власти, иако велат дека не беше лесно да се издржи целиот тој сообраќаен хаос.
– Сепак се исплатеше. Сега веќе се вози по нормални улици, без дупки, без брановиден асфалт на нив. Сега веќе Скопје доби изглед како светските метрополи. Иако има уште многу за работа, сепак за пофалба е и тоа што со зеленило се уредуваат булеварите, па градот добива навистина светски изглед – вели Давид Митревски.

И велосипедистите ги поздравија градежните активности на градските власти, бидејќи велат дека добиле велосипедски патеки, кои многу ќе значат за нивната безбедност.
– Факт е дека за нас велосипедистите има уште многу да се работи, но исто така факт е дека изминатава година во поглед на нашата безбедност и движење добивме навистина голем број велосипедски патеки, на места каде што претходно ги немаше – вели Сања Петровска, која својот велосипед го користи како превозно средство и во летниот и во зимскиот период.
Оваа и наредната, 2021 година, Градот планира да инвестира во сообраќајници во вредност од 760 милиони денари.

[email protected]