Скопјани добија нов адреналински парк, таканаречен полигон „Памптрек“, со површина од 1.690 квадратни метри, кој ќе може да го користат вљубениците во велосипедизмот, ролерите и скејтбордите. Новиот простор за забава се наоѓа пред Олимпискиот базен, а е поделен на два дела – детски полигон, со површина од 290 квадратни метри, и полигон за возрасни, со површина од 1.400 квадрати.

Сите што го сакаат велосипедизмот, ролерите и скејтбордите веќе можат да ги покажат своите вештини на новата адреналинска патека во центарот на Скопје.

Покрај големиот полигон, има и мал полигон, кој е специјално приспособен за деца, за почетници и за лица во инвалидски колички. Од вчера веќе е поставен и штанд за бесплатно изнајмување велосипеди и опрема за сите оние што сакаат да возат по новата патека и да уживаат во адреналинското возење.